Пролог: Преподобниот маченик Евстратиј Печерски
 

 

Житие: Преподобниот маченик Евстратиј Печерски

Календар, житија, пости
Почеток
 
Беше многу богат, но заради љубовта Христова го раздаде сиот имот, стапи во Печерскиот манастир и се замонаши. Кога Половците завојуваа на Киев во 1097 година, го ограбија манастирот, многумина христијани и монаси ги убија, а Евстратиј со уште неколкумина верни го продадоа во ропство на некој Евреин во градот Корсун. Овој Евреин ? се потсмеваше на христијанската вера и ги принудуваше христијаните да преминат во еврејската вера. А тие, кога видоа дека нема друг излез, решија самите себеси да се усмртат со глад, но од вистинската вера да не се одречат. На оваа одлука ги охрабри Свети Евстратиј. И сите умреа од глад, некои после три дена, други после четири, а некои по седум дена. Навикнат на пост Евстратиј остана во живот сам и издржа четиринаесет дена без храна. Евреинот разгневен што му пропаднаа парите со коишто ги купи овие робови, му се одмазди на Св. Евстратиј со тоа што го прикова на крст. Но на крстот Евстратиј Му заблагодари на Бога, а на Евреинот му прорече лута и рана смрт. Бесен од лутина Евреинот го прободе со копје. Така овој светител Му ја предаде својата душа на Бога. Телото му го фрлија во морето, но тоа исплива и над него се случија големи чуда. Набрзо по ова византискиот цар нареди казна за Евреите во Корсун заради нивната злоба кон христијаните. Мачителот на Св. Евстратиј тогаш го обесија на дрво.

Тропар
Се покажа како пофалба на мачениците и испосниците, преподобен оче Евстратие, бидејќи со воздржание телото го умртви, Христа го следеше, носејќи го крстот свој. Се удостои и сам на крстот вознесен да бидеш, со копје во ребра прободен, во раце Божји душата своја ја предаде, со огнена кочија вознесен на небесата, двојно овенчан од Христа Бога, Спасителот на нашите души.