Житие: Преподобен Паисиј Величковски
На духовното делање, преподобниот Паисиј (Величковски) се научил на Атон, лулката на аскетското просветување, коешто му недостасувало на старецот во руските манастири и молдавските скитови.
Но, и Атон во тоа време бележел голем пад. Посетувајќи ги монасите, преподобниот барал за себе духовен отец – раководител, но не пронашол и затоа пребивал сам, поминувајќи го животот во голема строгост.
Постепено околу преподобниот Паисиј почнале да се собираат монаси кои сакале строг аскетски живот. Преподобниот Паисиј, советувајќи се со своите браќа, од манастирот Пантократор ја купил старата ќелија посветена на свети пророк Илија и повторно го создал Илинскиот скит. Монасите овде изградиле црква, трпезарија, пекара, гостоприемна и шеснаесет ќелии. Старецот немал намера братството од шеснаесет души да го зголемува и затоа изградил шеснаесет ќелии. Славејќи Го Бог, монасите со радост се населиле во своето ново прибежиште. Многумина од светогорските браќа и од новодојдените, кога го виделе таквиот богоугоден живот на братството на Паисиј, усрдно го молеле Старецот да ги прими во своето стадо. Старецот бил принуден да ги прима. Ќелии за новодојдените немало, но тие граделе ќелии при камените карпи под првите ќелии. Сите заедно се труделе, а и самиот Старец преку денот правел лажици, а преку ноќта не спиел повеќе од три часа и се занимавал со превод на светоотечки книги од грчки на словенски јазик, како и со поправање на древните словенски текстови. Од еден од своите браќа – Макариј, тој се научил не само на разговорниот новогрчки јазик, туку и на древниот книжевен. Освен скитското братство, многу светогорски монаси од другите обители биле негови духовни чеда. Дури и Свјатејшиот патријарх Серафим, кој живеел во манастирот Пантократор, неретко го посетувал Старецот за духовни беседи – понекогаш доаѓал пеш, а понекогаш на осле. Често, патријархот и постарите монаси во Пантократор го повикувале Старецот за служење на Божествената Литургија.
Старец Паисиј секогаш служел со длабоко смирение, побожност и солзи. Неговото служење толку ги трогнувало сите, што некои од изобилни чувства и солзи не можеле да продолжат со службата и излегувале на некое време од црквата за да се успокојат. Плачеле речиси сите, а плачел и старецот-патријарх со трогнато срце, говорејќи: „Слава Богу! Слава Богу!“
Братството на преподобниот с? повеќе и повеќе се умножувало, и обителта веќе станала претесна. По совет на светогорските монаси, преподобниот Паисиј половина браќа ги преселил во запуштениот Симонопетра, но Турците го запреле да отиде оттука: тие зеле од него седумстотини левови за да се исчисти долгот на манастирот, а сакале и уште да земат, и затоа Старецот останал уште три месеца. Тоа збиднување било и повод преподобниот Паисиј и неговите ученици да ја остават Света Гора и да преминат во Молдо-Влахија, прво во Драгомирна, а потоа, по Руско-турската војна, кога дел од молдавската земја преминала кон Австрија, во Њамцкиот манастир.
Времето на пребивање во Молдо-Влахија било кога веќе Старецот, очигледно за сите, се појавил во величината на својот старчески опит и кога светлината на Њамцката лавра почнала да ја осветлува цела Русија.
Самата личност на Старецот многу влијаела врз сите, а самото негово присуство ги воодушевувало на подвиг. Тој бил преисполнет со благодатните дарови на Духот, со премудрост и разум, совети и крепост, духовно раководство и благочестие. Преисполнет со голема љубов кон ближниот, тој бил тивок и мирен, кроток, долготрпелив и детски незлоблив. Смирениот изглед на преподобниот Паисиј сјаел со чистотата на целомудрието и самото лице на Старецот сјаел со одблесок на небесната слава. При неговата пламена молитва, во тоа време се случувале многу чуда од иконата на Божјата Мајка.
Целиот живот на Старецот бил посветен во служење на монаштвото. Заслугата на преподобниот Паисиј се состои во тоа што тој со својот пример и со примерот на своето братство ги обновил древните темели на монашкиот живот – Исусовата молитва, духовното, аскетско просветлување, општожитието и старческото раководство на почетниците со откривање на помислите, на коишто монаштвото процветало. На тие основи било и создадено братството на преподобниот Паисиј, кое броело неколку стотици монаси. На братството тој самиот му бил пример и го раководел во текот на многу години, и успеал да воспита такви подвижници кои по неговата смрт се јавиле како обновители на монаштвото по цела Русија.
Старецот имал и друг подвиг, подвиг на преведување на аскетска литература на руски јазик, односно, самиот извор на монашко просветување. Навистина, и до преподобниот Паисиј имало преводи на неколку аскетски дела од древните Отци на монаштвото, но тие преводи веќе станале ретки и што е најважно, биле заборавени во практичниот живот.
Многу труд, сила, здравје, време и средства потрошил на тоа преподобниот Паисиј, а поради тоа научил и старогрчки јазик. Времето на Света Гора било претежно време на собирање ракописи, а животот во Молдавија било време на превод и примена во животот на учењето на Светите Отци. Од преводите на Старецот биле составени прирачници за монасите: „Добротољубие“, „Лествица“, како и „Поуките на преподобен Исаак Сирин“. Старецот, со своите преводи и примената на отечките аскетски поуки во секојдневниот живот, го обновил руското монаштво. Неколку дена пред смртта тој с? уште ги читал и поправал преводите.
Исполнувајќи го својот голем призив и достигнувајќи длабока старост, Старецот се приближил до смртта откако претходно четири дена бил болен. Старецот се упокоил на 15/28 ноември 1794 година.
Тропар
Туѓинец беше на земјата, небесната татковина си ја достигнал, преподобен оче Паисие, на добротољубието подвижниче, верните си ги научил умот кон Бога да го возведуваат, и со срцето кон Него да повикуваат: Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот!