Пролог: Полагањето на ризата на Пресвета Богородица во Влахернската црква во Цариград
 

 

Житие: Полагањето на ризата на Пресвета Богородица во Влахернската црква во Цариград

Календар, житија, пости
Почеток
 
Во времето на царот Лав Велики (458 г. – 471 г.), на царицата Верина и патријархот Генадиј, патуваа по Светата Земја двајцата цариградски благородници Галвиј и Кандид, заради поклонение на тамошните светости. Во Назарет отседнаа во куќата на една вдовица Еврејка, којашто во тајна одаја ја чуваше ризата на Пресвета Богородица. Многумина болни и неволни добиваа исцеление за своите маки со молитва и со допирот на таа риза. Галвиј и Кандид ја зедоа Светата риза и ја пренесоа во Цариград, а тоа им го објавија на царот и на патријархот. Во царскиот град тоа предизвика голема радост. Ризата беше свечено пренесена и положена во црквата Влахерна. (Оваа црква ја соѕидаа царот Маркијан и царицата Пулхерија на брегот на еден залив, наречен Влахернски, според името на некој скитски војвода Влахерн, којшто на ова место беше убиен). Овој празник е востановен во спомен на полагањето на ризата на Пресвета Богородица во Влахернската црква.

Тропар
. Богородице Приснодево, заштито на луѓето, ризата и појасот на Твоето пречисто тело си го дарила на Твојот град како моќна ограда, останувајќи нетлена и по Твоето бессемено раѓање, зашто во Тебе се обновува и природата и времето. Затоа Те молиме да му даруваш мир на Твојот град, а на душите наши милост голема.

Кондак
Твојата свештена риза, со којашто си го покривала Твоето свето тело, Чиста и Богоблагодатна, на сите верни си им ја дарила како облека на нераспадливоста; со љубов го празнуваме нејзиното полагање, и со страв Ти повикуваме: Радувај се, чиста Дево, пофалбо на христијаните.