Пролог: Преподобен Симеон Столпник Дивногорец
 

 

Житие: Преподобен Симеон Столпник Дивногорец

Календар, житија, пости
Почеток
 
Овој прекрасен светител се роди во Антиохија во 522 година, во времето на царот Јустин Постариот. Татко му загина во земјотрес, а тој остана сам со мајка му Марта. Во шестата година од животот се оддалечи во пустина кај некој духовник Јован и под негово раководство се предаде на подвиг на пост и молитва, за голем восхит на сите што го видоа. Откако претрпе страшни демонски искушенија, од Господ и од Неговите ангели прими голема утеха и благодат. Христос му се јави во вид на прекрасно момче. По тоа видение во срцето на Симеон се разгоре голема љубов кон Христа. Помина многу години на столб, молејќи Го Бога и пеејќи псалми. Потоа, упатуван од Бога, се оддалечи на гората од Самиот Господ наречена Дивна. Според името на оваа гора и него го нарекоа Дивногорец. Сходно на неговата љубов кон Бога му беше дадена ретка благодат, со помош на која исцелуваше секаква болест, скротуваше ѕверови, проѕираше во далечните краеви на светот и во срцата човечки, излегуваше надвор од себеси и ги гледаше небесата, разговараше со ангелите, ги плашеше и ги разгонуваше демоните, пророкуваше, живееше понекогаш по триесет дена без храна, примаше храна од раце на ангели. На него потполно се исполнија зборовите на Спасителот: „Кој верува во Мене делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши и поголеми дела од овие ќе врши“ (Јован 14, 12). Во Летото Господово 596, а во седумдесет и петтата година од неговиот живот, Симеон Дивногорец се престави кај Господ, за вечно да се насладува гледајќи го лицето Божјо заедно со ангелите.

Тропар
Помазаник на Божјата благодат, од утроба посветен на славословие Господово, Симеон стана огнен молитвеник од земјата до небото, цврста поткрепа во Бога имајќи, ангел во тело на столб се возвиши, болни лекувајќи, демони изгонувајќи. Заштитник на родот човечки постана, умилостивувајќи го гневот Божји над синовите на гордоумието, од својата Дивна Гора порака испрати по целаата вселена: Славете Го Господа, на небото и на земјата! Христе Боже наш, помилуј н? по молитвите на Твојот слуга Симеон, кој ликува на Небесната Твоја Гора.