Пролог: Спомен на бегството во Мисир
 

 

Житие: Спомен на бегството во Мисир

Календар, житија, пости
Почеток
 
Источните мудреци, ѕвездогледци, што Му се поклонија на Господ во Витлеем, на заповед од ангел се упатија на пат кон својата татковина. А свирепиот цар Ирод намисли да ги убие сите деца во Витлеем. Бог ја виде оваа намера на Ирод, па испрати Свој ангел кај Јосиф. Божествениот ангел му се јави на Јосиф во сон и му нареди да го земе Младенецот и Неговата Мајка и да бегаат во Мисир. Јосиф така и постапи. Ги зеде Младенецот и Мајка Му и се упатија прво во Назарет (Лука 2, 39), овде ги уреди сите свои домашни работи, го зеде со себе својот син Јаков, а потоа тргнаа за Мисир (Исаија 19, 1). Во стар Каиро до денес се покажува пештерата во којашто живееше Светото семејство, а во селото Матареа, близу Каиро, укажуваат на дрвото под кое се одмарала Пресвета Богородица со Богомладенецот. Таму има и чудотворен извор со вода под она дрво. Откако поживеаја неколку години во Мисир, по заповед на ангел Божји се вратија повторно во Палестина. И така се исполни второто пророштво: „Од Мисир го повикав Синот Свој“ (Осија 11, 1). Ирод беше умрен, а на неговиот крвав престол седна достојниот нему во злото син Архелај. Кога слушна Јосиф дека Архелај царува во Ерусалим, се упати во Галилеја, во својот град Назарет, каде што се насели во својот дом. Со Галилеја тогаш владееше вториот син Иродов, Ирод помладиот, којшто беше малку поблаг во злото од својот брат Архелај.