Житие: Свети шест илјади маченици во Грузија
Во Давидо-Гареџиската пустина во Грузија имаше дванаесет манастири во коишто со векови се подвизуваа многумина монаси. Во 1615 г. Грузија ја нападна шахот Аббас I и целата ја опустоши, а уби безброј христијани. Одејќи еднаш во лов, во зори на Воскресение, тој виде во планината мноштво од светилки. Тоа беа монасите од сите дванаесет обители во литијата околу црквата на Христовото Воскресение, со свеќи во рацете. Кога овој шах дозна дека тоа се монаси, со чудење запраша: „Зарем не е цела Грузија веќе предадена на меч?“ И им нареди на војниците веднаш да ги убијат сите монаси. Во тој миг на игуменот Арсениј му се јави ангел Божји и го извести за близината на смртта. Тој ова им го соопшти на сите браќа. Тогаш сите се причестија со Пречистите Тајни и се приготвија за смрт. Дојдоа напаѓачите и го исекоа на парчиња прво игуменот кој прв излезе пред нив, а потоа и сите тамошни монаси. Чесно пострадаа сите и стекнаа невенливи венци во 1615 година. Вака заврши историјата на овие прочуени манастири, кои повеќе од илјада години служеа како огништа на духовното просветлување на Грузијците. Денес постојат само уште два: едниот на Св. Давид, а другиот на Св. Јован Предвесник. Грузискиот цар Арчил ги собра моштите на мачениците и чесно ги погреба. Овие мошти чудотворат и испуштаат исцелително миро до денес.
Тропар
Рахила плачеше по своите деца, о свети пустиници од дванаесетте манастири, а ние денес се радуваме на вашите венци невенливи, ангел Господов свитата ваша ја предводеше до престолот на Христа Живиот, а семето што го посеавте светлина изнедрува, во душите и срцата на оние кои го празнуваат вашиот свет спомен, и на моштите свети се поклонуваат.