Житие: Светиот маченик Лукилијан и со него: Клавдиј, Ипатиј, Дионисиј и девицата Паула
Остарен како незнабожец и идолски жрец Лукилијан како белокос старец ја позна христијанската вистина и се крсти. Неговото обраќање во христијанство предизвика голема возбуда меѓу незнабожците во Никомидија и беше изведен на суд, но бидејќи не сакаше да се одрече од својата нова вера, луто беше биен и претепан го фрлија во затвор. Во затворот најде четири момчиња: Клавдиј, Ипатиј, Павле и Дионисиј, заробени заради верата во Христа. Старецот им се израдува на момчињата и тие нему, и сите заедно го минуваа времето во побожни разговори, молитви и псалмопение. Кога ги изведоа од затворот, ги мачеа со разни маки и најпосле ги пратија во Византија, каде што момчињата беа од војниците исечени со меч, а Лукилијан од Евреите распнат на крст. Злобните Евреи целото тело му го избоцкаа со клинци. Некоја девица Паула јавно го зеде телото на маченикот и го погреба чесно. За ова беше обвинета, па мачена и на крајот ја исекоа. Од Господ прими два венци: на девственост и на мачеништво. Овие маченици пострадаа во времето на царот Аврелијан, меѓу 270 и 275 година.
Тропар
Како на орел што се обновува во младоста негова, така верата во светиот Лукилијан обнови сила духовна, заточен со светите младенци Клавдиј, Ипатиј, Павле и Дионисиј, заедно сите кон Бога благодарност вознесуваа за обнова на нивните тела од мачењата. Со мудрата девственичка Павла, о свети, маченички венци добивте, исповедувајќи дека чистотата на срцето е над секое умно мудрување, молете се свети маченици, за овој род бунтовен човечки.