Житие: Светата маченичка Евталија
Света Евталија беше девица од Сицилија и нејзината мајка го носеше истото име, а брат ѝ се викаше Сермилијан. Сите беа некрстени и незнабожци. Старата Евталија боледуваше од крвотечение. Во сон ѝ се јавија Светите маченици Агфеј, Филаделф и Кирил (10 мај) и ѝ рекоа дека ќе оздрави само ако се крсти во името на Господ Исус Христос. Евталија поверува во Христа, се крсти и навистина оздраве. Кога го виде тоа чудо и ќерка ѝ се крсти. А Сермилијан почна да ги исмева мајка си и сестра си заради верата во Христа, а потоа и да им се заканува. Мајката се уплаши и побегна од дома. Тогаш братот почна да си ја гони сестрата. Но таа не се уплаши, зашто помил ѝ беше Христос одошто братот и му рече на Сермилијан: „Христијанка сум и не се плашам да умрам“. Изопачен, брат ѝ испрати кај неа еден слуга за да ја оскверни. Но кога ја нападна Евталија слугата ослепе. Брат ѝ го виде тоа чудо, но остана со тврдо срце. Јурна по сестра му, ја фати и ѝ ја отсече главата, слично како Каин. Со ова Светата девица Евталија се овенча со венец на вечна слава, а на неа се исполнија зборовите на Господ Кој не сокри дека непријатели на човекот ќе му бидат неговите домашни (Матеј 10, 34 - 35).