Пролог: Преподобен Мојсеј Мурин
 

 

Житие: Преподобен Мојсеј Мурин

Календар, житија, пости
Почеток
 
Родум Етиопјанин, а најнапред по занимање беше разбојник и водач на разбојничка дружина. Потоа покајник и голем подвижник. Како роб на еден господар, Мојсеј побегна и се вброја меѓу разбојниците. Заради неговата голема телесна сила и безобѕирност, разбојниците го избраа за старешина. Одеднаш го навали грижа на совеста и покајание за злосторствата што ги имаше извршено. Ја остави дружината, стапи во еден манастир и се предаде на потполна послушност кон својот духовник и на манастирскиот типик. Многу се служеше со поуките на Светите Макариј, Арсениј и Исидор. Подоцна се повлече на безмолвие во една келија, каде што сиот се предаде на телесен труд, молитва, бдение и богомислие. Беше многу мачен од демонот на блудот. Кога му го исповеда ова на духовникот Исидор, доби совет да пости што повеќе и да не јаде до ситост. Но кога и тоа не му помогна, тој на совет од Старецот почна ноќе да бдее и да се моли стоејќи. Потоа си постави обичај по цела ноќ да им носи на Старците вода од бунарот. После шестгодишен страшен труд, најпосле Свети Исидор чудесно го исцели од блудните помисли, мечтаења и сништа, наведувани врз него од демоните. На старост беше ракоположен за свештеник. Основа свој манастир и имаше седумдесет и пет ученици. Во овој живот поживеа седумдесет и пет години. Својата смрт ја виде предвреме и еден ден им рече на учениците да бегаат, зашто на манастирот ќе навалат вараварите. Кога учениците почнаа и него да го викаат да бега, тој рече дека самиот треба да загине од насилство, како што некогаш и го вршел, според зборовите: „Кој се фаќа за нож, од нож ќе загине“ (Матеј 26, 52). Остана со шестмина од браќата: дојдоа варварите и ги заклаа. Еден од монасите на братството беше скриен во близина и гледаше како ги убиваат. Виде кога седум светли венци се спуштаа врз седумтемина маченици.

Тропар
О, преподобен отче пустински, ти кој ангели и демони гледаше, со едни беседеше, за други се молеше, кон небесата повикуваше – отвори ми ги, Господи, портите небесни. Но, отче Мојсее, Христа во срце носејќи Го, чаша од Него побара да допиеш, за нож се фати, преку него во предели рајски замина. Моли се, учителу на монасите, по твоите молитви, Чашата на спасението докрај да ја испиеме.