Пролог: Преподобниот маченик Стефан Нови
 

 

Житие: Преподобниот маченик Стефан Нови

Календар, житија, пости
Почеток
 
Како некогаш Ана, мајката на Самуил, и Стефановата мајка Ана Го молеше Бога да ѝ подари еден син. Молејќи се така еднаш во црквата Влахерна пред иконата на Пресвета Богородица, ја фати лесен сон, во којшто Ја виде Пресветата Дева како блескаво сонце и слушна глас од Неа: „Оди си со мир, жено. Според твоите молитви имаш син во твојата утроба“. И навистина Ана зачна и роди син, овој свет Стефан. Во шеснаесетата година Стефан прими монашки чин на Аксентиевата Гора кон Цариград, од Старецот Јован, од кого се научи на Божествената мудрост и на подвижништво. А кога Старецот Јован се упокои во Господ, Стефан остана на таа гора строго подвизувајќи се и наложувајќи си труд на труд. Неговата светост привлече многумина ученици. Кога царот Константин Копроним ги прогонуваше иконите уште полуто од својот татко Лав Исавријанин, Стефан се покажа како ревносен заштитник на почитувањето на Светите икони. Безумниот цар примаше разни гнасни клевети против Стефан, а и самиот уредуваше разни сплетки само за да го скрши и да си го тргне од патот. Стефан беше прогонет на островот Проконис, потоа доведен во Цариград, окован и фрлен во затвор, каде што го сретнаа триста четириесет и двајца монаси затвореници, доведени од разни страни и затворени заради почитување на иконите. Во затворот го вршеа црковното правило како во манастир. Свирепиот цар го осуди Стефан на смрт. Светителот четириесет дена претходно ја предвиде својата смрт и се прости со браќата. Царските слуги го извлекоа од затворот биејќи го и тргајќи го го влечеа по цариградските улици, повикувајќи ги сите што се со царот да го каменуваат овој „противник на царот“. Некој од еретиците го удри со дрво по глава светителот и тој издивна. Како што првомаченикот Стефан пострада од Евреите така и овој Стефан пострада од иконоборните еретици. Славно го заврши животот во 767 година, во педесет и третата година од својот живот, кога прими маченички венец од Господ Христос.