Житие: Преподобен Амвросиј Оптински
Преподобен Амвросиј Оптински (крштелно име Александар) се родил во 1812 година, во селото Голема Липовица, Тамбовска губернија, во многудетно семејство. На 12 години, Александар го запишале во Тамбовското духовно училиште, а по завршувањето се запишал во Тамбовската духовна семинарија. Во 1839 година отишол во Воведенската Оптина пустина, во Калужската губернија, кај преподобниот Старец јеросхимонах Лав. Му било доделено послушание да му помага на готвачот. Работата како готвач на младиот послушник му одземала голем дел од денот, така што тој не можел да оди на богослужбите, но тоа го научило на внатрешната молитва. По три години, кога наполнил триесет години, Александар бил пострижен во монаштво, со име во чест на светителот Медиолански Амвросиј, и бил ракоположен за јероѓакон, а по две години – за јеромонах. Кога тешко се разболел, отец Амвросиј бил пострижен во схима, по што почнал да оздравува, но никогаш повеќе целосно не закрепнал. Тој не тажел за своите болести, туку ги сметал за неопходно средство за воспитување на душата. За да ги утеши болните, велел: „Бог од болен човек не бара телесни подвизи, туку само трпение со смирение и благодарење“. За поука кај него оделе илјадници верни и неверни луѓе од цела Русија. Кај него за совет и разговор доаѓале големиот кнез Константин К. Романов, Ф.М. Достоевски, А.К. Толстој, Л.Н. Толстој, М.П. Погодин и многу други. Преподобен Амвросиј имал дар на проѕорливост, исцелувал болни, им помогал на немоќните и бедните. Се упокоил на 10/23 октомври 1891 година во Шамординскиот манастир, а бил погребан во Оптинската пустина.
Тропар
Како кон исцелителен извор притекнуваме кон тебе, Амвросие оче наш, зашто на патот на спасението верно н? упатуваш, со твоите молитви од беди и напасти н? утешуваш, и на смирение, трпение и љубов н? поучуваш. Моли Го Човекољубецот Христос и Усрдната Застапничка да ги спасат нашите души.