Пролог: Пренос на моштите на преподобен Максим Исповедник
 

 

Житие: Пренос на моштите на преподобен Максим Исповедник

Календар, житија, пости
Почеток
 
Цариграѓанин по род и најнапред висок дворјанин на дворецот на царот Ираклиј, а потоа монах и игумен на еден манастир недалеку од престолнината. Најголем бранител на Православието од т.н. монотелитска ерес, која се изродила од ереста Евтихиева. Имено, како што тврдел Евтихиј дека Христос има една природа, така монотелитите тврделе дека Он има една волја. Свети Максим се спротивставил на тоа тврдење и се нашол како противник на царот и на патријархот. Но не се исплашил, туку докрај истрајал во докажувањето дека Господ Христос имал две волји соодветно на двете природи. На негово настојување се одржал еден собор во Картагена, а друг во Рим. И двата собори го анатемисале учењето на монотелитите. Страдањето на свети Максим за Православието е неописливо: малтретиран од кнезовите, измамуван од судиите, плукан од народните маси, тепан од војниците, прогонуван, затворан, а најпосле му ги отсекле јазикот и раката и го осудиле на доживотно прогонство во земјата Скитска, каде што три години поминал во затвор, па Му ја предал својата света душа на Бог во 666 година. На овој ден се празнува преносот на неговите мошти од Колхида (Грузија) во Константинопол.

Тропар
Радувај се, горни Ерусалиме, радувајте се христијани по сите краишта земни, радувај се, свети Максиме, Бог благоволи прослава да воздаде, преку твоите мошти благослов да подари на чедата кои го почитуваат столбот на вистината, кој остана тврдина непоколеблива и Христа Го прослави низ целата вселена.

Кондак
Трисијателната Светлина, која се всели во твојата душа, себлажени Максиме, те покажа како избран сад кој божествената наука ја објавуваш до краиштата на вселената, ги објаснуваш тешко разбирливите пораки, и на сите јасно им Ја проповедаш предвечната и беспочетна Троица.