Пролог: Светиот свештеномаченик Власиј
 

 

Житие: Светиот свештеномаченик Власиј

Календар, житија, пости
Почеток
 
Родум од кападокиската област. Богобојазлив и кроток уште од раното детство. Заради своите големи добродетели беше избран за епископ на градот Севастија. Во тој незнабожечки град Св. Власиј беше големо духовно светило. Во времето на тешкото гонење на христијаните Св. Власиј го храбреше своето стадо и ги посетуваше Христовите маченици по затворите, меѓу кои особено се истакнуваше славниот Евстратиј. Кога градот Севастија остана сосем без христијани - едни пострадаа, други побегнаа - тогаш старецот Власиј се повлече во планината Аргеос и таму се насели во една пештера. Дивите ѕверови го познаа светиот човек и се приклонија кон него и ги милуваше. Но гонителите го најдоа светителот и во неговото скривалиште и го поведоа да му судат. Патем Власиј исцели едно момче на кое му беше застанала коска во грлото; и на поплаката на една вдовица дека волкот ѝ го грабнал прасето направи со силата на својата молитва и волкот го врати украденото. Мрачните судии го мачеа жестоко, го биеја и го стружеа. Со својата непоколебливост во верата Свети Власиј многумина ги обрати кон Христа. Заедно со него беа затворени седум жени и две деца. Прво ги заклаа жените, а потоа и чудесниот Власиј со децата. Пострадаа и се прославија во 316 година. Народот му се моли на Св. Власиј за здравјето на добиците и за заштита од ѕверовите.