Житие: Преподобен Доситеј
Ученик на славниот авва Доротеј, којшто живееше во киновијата на Преподобните Серид, Јован и Варсонуфиј Велики. Доситеј беше роднина на еден војвода и во Ерусалим дојде да ги види Светите места. Еднаш додека гледаше во сликата на Страшниот Суд во една црква, му се приближи една жена во порфирен фустан и му објаснуваше. А најпосле, при разделбата му рече дека ако сака да се спаси треба да пости и често да Му се моли на Бога. Ова беше Пресвета Богородица. Срцето на младиот Доситеј се разгоре и посака монашки живот. Доротеј го прими за негов ученик и му нареди наполно да ја отсече сопствената волја и да го слуша својот духовен отец. Неколку дена му даваше да јаде колку што сака, по извесно време му скратуваше по една четвртина, по некое време уште по една, с ? дури не го навикна на најмало количество храна, постојано велејќи му: „Јадењето е навика и кој колку ќе навикне толку и јаде“. Свети Доситеј се спаси и се прослави преку послушанието. Остана засекогаш за пример на монашкото послушание и предаденост на својот духовен отец. Овој млад светител живееше во 6 век.
Тропар
Твоите молитви, преподобен Доситее, се мелем за душата наша, која Господ ја милува, по твоето застапништво. Примерот на твојот свет живот е праслика на радоста, помеѓу Бога и човекот, кој во послушание се насладува,гледајќи Го лицето на Творецот свој. Радувај се, свети послушниче, кој малку време беше верен, а Он направи вечноста да не те одмине.