Житие: Свети Васијан, епископ Лавдиски
Роден во Сиракуза како незнабожец, од родители незнабожци, богати и угледни. Философско воспитание стекна во Рим. Сходно на неговата најтопла желба беше крстен од некој благочестив старец Гордијан. Тоа ги навреди неговите родители и за да го избегне нивниот гнев, на заповед на Свети Јован Богослов којшто му се јави, отиде во Равена и му се јави на својот роднина, епископот Урс. Упатен од епископот, Васијан се насели надвор од градот, кај црквата на Светиот маченик Аполинариј и долго се подвизуваше таму трудејќи се, во пост и во молитва. Кога умре епископот на Лавдискиот град во Лигурија, според едно откровение во сон го избраа Васијан за епископ на тој град, иако тој тоа не го сакаше. Посветувањето за архиереј го извршија Амвросиј Милански и Урс Равенски. Имаше голема исцелителна благодат; можеше и мртви да воскреснува. Беше сведок на последните часови на Свети Амвросиј, од чија уста слушна дека во тој миг светителот Го гледа Господ Исус Христос. Поживеа во подвиг до длабока старост, а во деведесеттата година од својот живот се упокои и се пресели во Царството Божјо околу 409 година. Неговите Свети мошти останаа чудотворни, да сведочат за силата Божја и за величината на овој Божји Светител.
Тропар
По твоите свети молитви, Васијане епископе, по твоите пред Господа коленапреклонувања, поради послушанието пред Бога принесено, нека Вишниот Кој тебе те восинови, ги прости нашите гревови и стави под закрила на твојот свет омофор. Господи, слава Ти.