Житие: Преподобен Пимен Велики
Родум Мисирец. Голем мисирски подвижник. Како момче ги посетуваше прочуените подвижници и собираше од нив опитно знаење како трудољубива пчела. Еднаш Пимен измоли од Старецот Павел да го однесе кај Свети Паисиј. Кога го виде Паисиј му рече на Павле: „Ова дете ќе пасе многумина, со него е раката Божја.“ Со време Пимен се замонаши и кон монаштво привлече уште двајца од своите браќа. Еднаш дојде мајка им да ги види своите синови, но Пимен не ја пушти внатре, а ја праша: „Сакаш повеќе да н ? видиш овде или во вечноста?“ Мајка му се оддалечи со радост, говорејќи: „Штом сигурно ќе ве видам таму, тогаш не сакам да ве видам овде.“ Во манастирот на овие тројца браќа, со којшто управуваше најстариот брат, Анувиј, типикот беше ваков: ноќе четири часа минуваа во ракоделие, а четири во псалмопеење. Дење од утрото до пладнето времето го минуваа наизменично во работа и во молитва; од пладнето до Вечерната читаа, а после Вечерната си подготвуваа вечера: тоа им беше единствениот оброк во деноноќието, и тоа обично од некакво зелје. За нивниот живот самиот авва Пимен рече: „Јадевме тоа што ни се предлагаше, никој никогаш не рече: дај ми нешто друго или јас тоа не го сакам. На тој начин ние го поминавме сиот живот во безмолвие и во мир. Авва Пимен се подвизуваше во 5 век и мирно се упокои во длабока старост.“
Тропар
Со пролевањето на твоите солзи, бесплодната пустина си ја направил да процвета и, со твоите длабоки воздишки, твоите подвизи си ги умножил по стопати, и си бил светилник на вселената, сјаејќи со чудеса, оче наш Пимене. Моли Го Христа Бога, да ги спаси душите наши.
Кондак
Еве, денес го славиме светиот спомен на твоите светли подвизи, преподобен оче, кој ги весели душите на верните, богомудар Пимене, оче наш преподобен.