Житие: Светите маченици Марин и Марта и нивните синови Авдифакс и Авакум, свештеникот Валентин, Кирин, Астериј и многумина други
Сите пострадаа во времето на царот Клавдиј Флавиј во Рим, 269 година. Марин и Марта беа богати луѓе од Персија, па го продадоа сиот свој имот во Персија и заедно со своите синови дојдоа во Рим да им се поклонат на моштите на Светите апостоли и на сите маченици. Кога царот ги праша зошто дошле од толку далеку оставајќи ги своите домашни богови за да бараат во Рим мртви луѓе, тие му одговорија: „Ние сме слуги Христови и дојдовме да им се поклониме на Светите апостоли, чии бесмртни души живеат со Бога, сакаме да бидат молитвеници за нас пред Христос, нашиот Бог.“ Кирин беше фрлен во Тибар; оттаму Марин и Марта го извлекоа неговото тело и чесно го погребаа. Свештеникот Валентин му беше предаден на некој војник Астериј, којшто требаше да го посоветува да се одрече од Христа. Но Валентин со молитва ја исцели Астериевата ќерка којашто беше слепа две години и го крсти Астериј и сиот негов дом. Сите тие на различни начини примија маки и смрт за Господ Христос, Којшто ги прими во Своето бесмртно Царство за да се радуваат во сите векови.
Тропар
Радувајте се вие кои Христа Го возљубивте Марине, Марто, Авдифаксе и Авакуме, пример и семе за нови Христијани: Кирине, поверува Астерие и се спаси ти и целиот твој дом, и ти Валентине, пастиру Божји, кој мноштво кон вечноста поведе. Сега молитва и молба кон вас принесуваме, наши застапници пред Господа да бидете, о маченици свети Христови.