Пролог: Светиот свештеномаченик Теодорит
 

 

Житие: Светиот свештеномаченик Теодорит

Календар, житија, пости
Почеток
 
Царот Константин во Антиохија изгради соборна црква со особена убавина. Народот ја нарече Златна црква, заради позлатата однатре и однадвор и многубројните садови во црквата од злато и сребро. Царот ? подари на оваа црква голем имот за издржување на свештениците, чиј број во неа беше голем. Чувар на оние садови и на сите драгоцености во црквата беше Теодорит, свештеник со голема вера и ретко благочестие. Тогаш почна да царува Јулијан Отстапник, кој иако беше крстен се одрече од Христа и подигна гонење на христијаните. Неговиот чичко, којшто и самиот се викаше Јулијан, дојде во Антиохија и ја ограби Златната црква, а Теодорит како ризничар го зеде и го изведе на суд, и го советуваше да се одрече од Христа. Теодорит не само што не сакаше да се одрече од својот Господ туку го изобличи и царот Јулијан за отпадништвото од верата, како оној којшто повторно се вратил на идолопоклонскиот блуеж. Кога злиот судија од дрскост отиде и мокреше во Златната црква, Теодорит му прорече ужасна смрт, којашто наскоро и го снајде. Светителот беше убиен со секира, а судијата Јулијан од мигот кога мокреше во црквата во долниот дел од телото го спопаднаа страшни болки. И тој дел од телото му го разјадоа црви, па ја изблуи својата отпадничка душа во најгрозни маки. Така и неговиот помошник Феликс, според пророштвото на Свети Теодорит, умре набрзо по убиството на праведникот, со крварење на устата. Свети Теодорит го обезглавија и се пресели во Христовото Царство во 362 година.

Тропар
Ризницата на благодатта Христова и сад пророчки за непокајаните постана, ти Теодорите, слуго на Вишниот, молитвите твои правдата Господова во милост ја преточија за оние кои го празнуваат твојот свет спомен, и Бога Го прославуваат во вечни векови.