Житие: Светите апостоли Сила, Силуан, Крискент, Епенет и Андроник
Сите се од Седумдесеттемина апостоли. Свети Сила беше испратен од Ерусалим во Антиохија со Павле и Варнава за таму да го решат спорот меѓу верните околу обрезанието, односно дека не треба да се обрезуваат незнабожците коишто преминуваат во христијанство (Дела Апостолски 15, 22). По ова Сила патуваше со Павле по Азија и Македонија и беше поставен за епископ во Коринт, каде што мирно се упокои. Силуан им помагаше на двајцата врховни апостоли (1 Петар 5, 12; 2 Кор. 1, 19). Како епископ во Солун се потруди многу, многу претрпе додека не го замени земниот живот со небесниот. Крискент му беше сотрудник на Светиот апостол Павле (2 Тимотеј 4, 10), а потоа епископ во Галија, каде што маченички пострада за Христа во времето на Трајан. Свети Епенет, когошто го спомнува Светиот апостол Павле (Рим. 16, 5), беше епископ во Картагена. Андроник (Рим. 16, 7), епископ Панонски, се спомнува одделно на 17 мај.