Пролог: Свети Јован Руски
 

 

Житие: Свети Јован Руски

Календар, житија, пости
Почеток
 
Светиот исповедник Јован Руски се родил кон крајот на 17 век во Јужна Русија. Бил воспитан во благочестие и љубов кон Црквата Божја. Кога станал полнолетен, го повикале за отслужување на воениот рок. Служел како обичен војник во армијата на Петар I и учествувал во Руско-турската војна. За време на војната, во 1711 година, Јован и останатите војници биле заробени од Татарите, кои го продале на заповедникот на турската коњаница. Тој го однел заробеникот во своето живеалиште во Мала Азија, во населбата Прокопија (тур. Уркип), во близина на Кесарија. Турците настојувале заробените војници-христијани да ги преобратат во ислам. Некои ги наговорале и соблазнувале, а некои, кои биле со поцврста вера, ги тепале и мачеле. Во својата заблудена ревност, Турците, исто така, ги грабале христијанските деца и ги одгледувале и воспитувале како турски војници-фанатици. Прокопија бил војничкиот камп на тие јаничари, кои ги мразеле христијаните, па новиот затвореник станал нивна цел на исмевање. Свети Јован не го прелагале ветувањата на овоземни добра, туку храбро ги поднесувал суровоста, понижувањата и биењето. Неговиот господар-ага често го мачел, надевајќи се дека неговиот слуга ќе го прифати мухамеданството. Меѓутоа, свети Јован одлучно се спротивставил на волјата на својот господар и велел: „Ниту со закани, ниту со ветувања на богатства и наслади не можеш да ме одвратиш од мојата вера. Како христијанин се родив и како христијанин ќе умрам“. Смелите зборови на овој исповедник, неговата постојана вера, неговата храброст и праведниот живот го смириле суровото срце на агата и срцето на неговата жена, која му понудила соба близу шталата. Агата престанал да го мачи и да го навредува својот заробеник, не барајќи веќе од него да се откаже од христијанството, а единствено што барал е да се грижи за добитокот и да го одржува редот во шталата, во чиј агол се наоѓала постелата на преподобниот Јован, бидејќи не ја прифатил понудата за собата. Овој угодник Божји му служел на својот господар од рано наутро до доцна навечер, совесно исполнувајќи ги сите негови заповеди. Босоног и полугол, ги извршувал своите обврски и за време на зимското студенило, и за време на летната жега. Гледајќи ја неговата усрдност, останатите слуги често го исмевале, но праведниот Јован никогаш не се гневел поради тоа. Напротив, секогаш кога можел им помагал во работата и ги тешел во несреќите. Искрената добродушност на преподобниот го смилостивила срцето на агата, но и на останатите слуги. Агата стекнал голема доверба во него, така што му предложил како слободен да живее каде ќе посака. Меѓутоа, преподобниот избрал да остане во аголот во шталата, каде што секоја ноќ можел да се осами на молитва со Давидовите псалми, кои непрестајно ги изговарал, укрепувајќи се во добродетелите и во љубовта кон Бог и луѓето. Јадел мошне малку, а кога требало да се причести со Светите Тело и Крв Христови, тајно заминувал на сеноќно бдение во црквата посветена на свети Георгиј, каде што коленичел и се молел до рано наутро. Преподобен Јован продолжил да му служи на агата како и порано, и без разлика на својата сиромаштија, секогаш им помагал на бедните и болните, делејќи ја со нив својата скромна храна. Поради подвигот на светитот Јован, Господ го благословил и агата, и тој станал еден од најбогатите и најмоќни луѓе во Прокопија. Агата сфатил дека сето тоа е поради свети Јован и не се стеснувал тоа да го исповеда и пред своите сограѓани. Еднаш, додека агата бил на аџилак во Мека, неговата жена седела дома. Таа ги повикала своите пријатели и роднини за да се молат за неговото безбедно враќање дома. Додека им бил сервиран пилав за јадење, господарката му се обратила на Јован, кој служел на масата, велејќи: „Колкаво би било задоволството, Гаван, на твојот господар, да беше сега тука и да јадеше од овој пилав заедно со нас!“ Пилавот му била омилена храна на агата. Желбата за најдобро на својот господар и верата во Божјата сила го натерале Јован да побара чинија со пилав за да му ја испрати на својот господар во Мека. На тоа гостите почнале да се смеат, но господарката му дозволила да земе пилав, сметајќи дека ќе го даде на некои сиромашни христијани, како што и обично правел. Тој ја зел чинијата во шталата и молејќи Го Бог, бил услишан, така што чинијата ја снемало. Враќајќи се од Мека, агата ја донел чинијата назад во својот дом. Тој, исто така, бил зачуден кога ја видел чинијата во својата заклучена соба кога се вратил од џамија. Уште поголемо било неговото чудење затоа што видел дека на неа се изгравирани неговите иницијали, токму како што било со целиот негов прибор за јадење. Тогаш тој рекол: „Во името на Алах, не знам како дошла до Мека и кој ја донел!“ Кога неговата жена му објаснила за барањето на Јован, двајцата признале дека тоа е чудо Божјо и дека Јован е праведен човек, кој ја нашол милоста Божја. Пред крајот на својот макотрпен и подвижнички живот, преподобен Јован се разболел. Чувствувајќи дека му се приближува крајот, повикал свештеник за последен пат да го благослови пред исходот на неговата душа. Свештеникот ги понел Светите Тајни, но бидејќи се плашел од фанатизмот на Турците, просветлен од Бог, ги скрил во шуплина со восок, која ја издлабил во една јаболкница, и на тој начин безбедно ги предал на светиот Јован. Преподобниот Го прославил Бог, се причестил и ја предал својата душа на 27 мај 1730 година. Кога му било јавено на агата дека Јован се упокоил, тој ги повикал свештениците и им го предал телото за да биде погребано според христијанскиот обичај. Исто така, тој им дал и скапа облека за да се покријат моштите. На погребот се собрале речиси сите христијани што живееле во Прокопија и го испратиле телото на праведникот до христијанските гробишта. По три години на неговиот гроб се појавила светлина која сите можеле да ја видат. Исповедникот на свети Јован, на чудесен начин, во сон, бил известен дека моштите на свети Јован се нетрулежни. Наскоро светите мошти биле пренесени во црквата посветена на свети великомаченик Георгиј и биле положени во посебна гробница. Новиот угодник Божји набргу се прославил со безбројни чуда, кои се прочуле до најоддалечените градови и села. Верните христијани од сите краишта доаѓале во Прокопија за да се поклонат на моштите на преподобниот Јован Руски, и благодарејќи на неговите свети молитви, бивале удостоени со чудесни исцеленија. Новиот светител не го почитувале само православните христијани, туку и Ерменците и Турците, кои молитвено му се обраќале: „Слуго Божји, нека не н? напушта твојата милост!“ Во тоа време, султанот Осман, со цел да им се одмазди на христијаните, наредил светото тело на маченикот да биде запалено. Но, во тоа не успеал, бидејќи славата Божја се пројавила врз телото на овој светител, кога на чудесен начин телото се кренало над огнот неизгорено. Во 1881 година дел од моштите на преподобниот Јован руските монаси ги пренеле во рускиот манастир на свети великомаченик Пантелејмон на Света Гора. Во тоа време, угодникот Божји чудесно ги спасил од опасно патување. Благодарејќи на паричната помош на овој манастир и прилозите од жителите на Прокопија, во 1886 година започнала изградба на нова црква, бидејќи црквата на свети великомаченик Георгиј, каде што се наоѓале моштите, била многу стара. На 15 август 1898 година жителите на Прокопија се преселиле на островот Евија и со себе ги понеле и моштите на преподобниот Јован Руски. Во текот на неколку децении тие се наоѓале во црквата на светите рамноапостолни Константин и Елена во Неа Прокопија, за во 1951 година да бидат пренесени во нова црква посветена на преподобниот, каде што денес доаѓаат илјадници поконици од сите краишта на Грција и целиот свет, а особено за денот на неговиот спомен – 27 мај/9 јуни.