Пролог: Светиот свештеномаченик Игнатиј Богоносец
 

 

Житие: Светиот свештеномаченик Игнатиј Богоносец

Календар, житија, пости
Почеток
 
Овој свет маж е наречен Богоносец затоа што постојано во срцето и на јазикот го носел името на живиот Бог. Преданието уште вели дека е наречен Богоносец и зашто него го зел на раце воплотениот Бог Исус Христос. Во времето кога Господ ги учеше своите ученици на духовен живот според евангелските заповеди, зеде едно дете, го постави меѓу нив и им рече: „Оној којшто ќе се смири и ќе стане како ова дете, тој е најголем во царството небесно“ (Матеј 18, 4). Тоа дете беше Игнатиј. Подоцна Игнатиј му беше ученик на Св. Јован Богослов, заедно со Поликарп, епископот Смирненски. Како Антиохиски епископ управуваше со Божјата Црква како добар пастир. Го воведе антифонскиот начин на пеење во Црквата, т.е. наизменично пеење на две певници. Овој начин на пеење му се откри на Св. Игнатиј меѓу ангелите на небесата. Кога царот Трајан минуваше низ Антиохија одејќи во војна против Персијанците, дозна за Игнатиј, го повика кај себе и почна да го советува да им принесе жртва на идолите за да биде од него поставен за сенатор. Бидејќи советите и заканите на царот останаа залудни, Свети Игнатиј го оковаа во железо и во придружба на десетмина најнемилосрдни војници го испратија во Рим, за да биде фрлен пред ѕверовите. Игнатиј му се радуваше на страдањето заради Господа и постојано Му се молеше на Бога ѕверовите да станат гроб за неговото тело и никој да не го попречи во таа смрт. По долго и тешко патување од Азија преку Тракија, Македонија и Епир, Игнатиј пристигна во Рим, каде што го фрлија пред лавовите во циркусот. Лавовите го растргнаа и го изедоа, оставија само неколку коски и срцето. Овој славен вљубеник во Господ Исус Христос пострада во 106 година во Рим, за време на христоборниот цар Трајан. Се има јавувано повеќепати, притекнувајќи им на помош на сите што го повикуваат со вера.

Тропар
Откако стана учесник во животот на апостолите, и наследник на нивните престоли, во практиката на добродетелите, боговдахновени, го најде патот кој води кон богосозерцание. Поради тоа, ширејќи го Словото на вистината, си пострадал дури до крв за верата, свештеномаченику Игнатие. Моли Го Христа Бога, да ги спаси душите наши.

Кондак
Светлоносниот ден на твоите светли подвизи веќе на сите ни Го навестува Родениот во пештерата, оти, имајќи жед да се наситиш од љубовта Негова, си побрзал да бидеш изеден од ѕверовите; поради тоа се нарече и Богоносец, Игнатие семудри.