Житие: Седумтемина Макавеи, нивната мајка Соломонија и свештеникот Елеазар
Сите пострадаа за чистата Израилска Вера од царот Антиох, од едни наречен Епифанос (просветлен), а од други Епиманис (безумен). Заради големите гревови во Ерусалим, особено заради грабањето колу архиерејската власт и злосторствата извршени при тие грабања, Бог допушти голема беда на Светиот град. Антиох сакаше да им го наметне елинското идолопоклонство на Евреите по секоја цена и с ? вршеше во тој правец. Таа негова мисла ја помагаа и некои вероломни архиереи и други старешини ерусалимски. Еднаш самиот цар дојде во Ерусалим и нареди сите Евреи да јадат свинско месо, што е спротивно на законот Мојсеев. Зашто јадењето свинско месо беше очигледен знак дека некој се одрекол од верата Израилска. Старецот Елеазар, самиот свештеник и еден од преведувачите на Стариот Завет на грчки јазик, не сакаше да јаде свинско месо. За ова беше мачен и запален. Враќајќи се во Антиохија царот ги зеде со себе седумте синови наречени Макавеи и мајка им Соломонија. Седумтемина браќа Макавеи се викаа: Авим, Антонин, Елеазар, Гуриј, Евсевон, Алим и Маркел. Пред очите на мајка им свирепиот цар ги мачеше овие седуммина еден по еден, дерејќи ја секому кожата од лицето и фрлајќи ги потоа во оган. Тие сите храбро ги претрпеа маките и смртта и не се одрекоа од својата вера. Најпосле и мајка им, откако го виде својот тригодишен син во огнот, самата скокна во огнот и изгоре, предавајќи Му ја душата на Бога. Сите чесно пострадаа за верата во едниот жив Бог околу 180 година пред Христа.
Тропар
Господи Боже наш, Ти Кој поглед од човека не свртуваш, смилувај се на нас кои на Тебе забораваме, еве во труд срцата Ти ги принесуваме, и како што се надеваа браќата Макавејски, телата свои за Тебе положувајќи ги, од Тебе да ги добијат во Царството на славата, дозволи да ја имаме радоста на нивната мајка, која породот на срцето го принесе, и со неа озарени, Тебе вавек да Те прославуваме.
Кондак
Седмочислени столбови на премудроста Божја, и седмосвешни светилници на божествената светлина, Макавеи семудри, пред мачениците преголеми маченици, заедно со нив сите на Бога молете се, да се спасат оние што ве почитуваат.