Во овој ден, прва сабота од постот, го празнуваме преславното чудо со коливото на светиот и славен великомаченик Теодор Тирон, кое има ваков почеток: за време на владеењето на Јулијан Отстапник (по Констанциј – синот на големиот цар Константин), кој отпаднал од Христос и му се вратил на идолопоклонството, започнало гонење на христијаните, јавно или прикриено. Откако се одрекол од свирепото и нечовечно јавно измачување на христијаните, смислил начин тајно да ги оскверни. Во првата седмица од Великиот пост царот Јулијан го повикал управникот на градот и му заповедал да ја тргне храната што обично се продава на пазарите и да ја замени со храна, односно со лебови и пијалаци осквернети со крв од идолски жртви, та оние што постат, купувајќи и јадејќи од оваа храна да се осквернат. Управникот на градор веднаш ја извршил наредбата. Но, по промислата Божја оваа подмолна намера му била откриена на великиот маченик Теодор, наречен Тирон, и го испратил кај градскиот архиереј Евдоксиј да го извести за намерата на царот. Свети Теодор отишол кај архиерејот и му рекол: „Стани веднаш и собери го стадото Христово и кажи му да не купува ништо од пазарите, зашто храната е осквернета со жртвена крв, по наредба на нечестивиот цар. Овој, пак, чудејќи се, го прашал: „Што ќе прават тие што немаат храна дома, ако не одат на пазар да купат?“ Свети Теодор му одговорил: „Нека јадат коливо (варена пченица)“. Патријархот веднаш станал и на мнозина им кажал за своето видение, и на тој начин ја запазил својата паства од подмолната завера на царот-отстапник. Кога царот видел дека не му успеала намерата, наредил на пазарите повторно да се изнесе вообичаената храна. А Христовиот народ, кога завршила седмицата, му оддал благодарност на свети Теодор, и со радост оваа сабота ја определил да се слави во негов спомен.