Роден во Кападокија од благочестиви родители, Василиј и Евдокија. Во времето на царот Теофил (829 г. – 842 г.) Евдоким беше млад офицер во војската. Но и како војник вложуваше секаков напор за да живее според евангелските заповеди. Непорочно ја чуваше својата чистота и одбегнуваше да зборува со која и да е жена освен со мајка му; беше милосрден кон бедните, грижлив во читањето свештени книги и уште погрижлив во молитвите кон Бога. Одбегнуваше суетни забави и празнословие. „Сред метежот и суетата на светот, како крин меѓу трње и како злато насред оган“. Заради неговите необични добродетели царот го постави за војвода кападокиски. На таа висока положба Евдоким се грижеше да биде праведен пред Бога и кон луѓето. Но по Божја Промисла се упокои рано, во својата триесет и трета година. Неговите мошти се пројавија како целебни. Еден полуден човек се допре до неговиот гроб и оздраве, а и едно фатено дете се крена и стана здраво. По осумнаесет месеци неговата мајка го отвори ковчегот и го најде неговото тело како живо, без каков било знак на распаѓање. А од телото на светителот излегуваше прекрасен мирис. Подоцна моштите му ги пренесоа во Цариград и ги погребаа во новата црква на Пресвета Богородица, усторена од благочестивите родителите на овој праведен Евдоким.
Тропар
Оној Кој те повика од земјата кон Небесните населби, Тој и по смртта го сочува неповредено телото твое, о, Евдокиме, ти во целомудреност и чистота блажено си живеел, неосквернувајќи ја плотта. Затоа, смелост имајќи пред Христа Бога, моли Го за нашето спасение.