Житие: Свети Тихон, епископ Аматунтски
Чудотворец. По смртта на блажениот Мемнониј, Тихон беше едногласно избран за епископ на епархијата Аматунтска, а го посвети славниот Епифаниј. За овој чин го препорачаа неговиот чист живот и големата ревност за Православието. Во тоа време уште имаше незнабожци на островот Кипар. Свети Тихон вложи апостолски труд за да ги обрати неверните во верни. И имаше во тоа време голем успех. По долгите подвизи на лозјето Господово, се пресели во блажената вечност, околу 425 година. Наречен е Чудотворец заради големиот број чуда што ги направи за време на животот. Татко му беше пекар. Кога и да го оставеше во дуќанот, тој им го раздаваше лебот на сиромасите. Еднаш татко му го укори за тоа. А тој се помоли на Бога и житницата им се наполни со жито, така што со мака ја отворија. Другпат пак, засади суви прачки во лозјето, но од нив зазелене лоза и во свое време донесе плод.
Тропар
Како младенец возљубувајќи ја чистота, срцето во Христови раце го предаде, Тихоне Божји угодниче, благодатта накалемувајќи се на тебе, сувото лозје во градина Господова го претвори, о ти кој послужи да се срушат заблудите демонски, моли се, Христов епископе, вистината да ја запазиме, пред Жртвата да се поклониме, и преку Неа да се спасиме.