Пролог: Светите маченици Роман и Варул
 

 

Житие: Светите маченици Роман и Варул

Календар, житија, пости
Почеток
 
Свети Роман беше ѓакон на Црквата кесариска. Еднаш тој ревносно го проповедаше Евангелието во Антиохија. Па кога беше некој идолски празник и антиохискиот началник Асклипијад сакаше да влезе во незнабожечкиот храм за да принесе жртва, Роман застана пред него и му рече: „Началнику, грешиш кога одиш кај идолите; не се идолите богови туку Христос е единствениот вистински Бог“. Разјарен началникот го подложи Роман на маки, па светителот беше биен и стружен безмилосно. Во тој миг Св. Роман виде едно дете по име Варул и му рече на началникот: „И ова дете е поразумно од тебе иако ти си стар; тоа Го знае вистинскиот Бог, а ти не.“ Началникот почна да го испрашува Варул за верата и Варул ја изјави својата вера во Господ Исус Христос како во вистински Бог, наспроти лажните идоли. Тогаш Асклипијад нареди и малиот Варул го убија со меч, а Св. Роман го удавија во затворот во 330 година. Така обајцата го наследија Небесното Царство.

Тропар
Учител на заблудените, ангел благовесник евангелски, Романе, свет мачениче, кој низ „многу маки влезе во Царството Небесно“, и Варул, научен од тебе, цветот на младоста на Христа Бога исповеднички го принесе, две крилја од една птица која небото го достигна, молете се за нас вие кои восходивте во тишина.