Житие: Светиот свештеномаченик Антим
Роден е во Никомидија и од детството воспитан како вистински христијанин. Телото му беше умртвено, духот смирен, зависта искоренета, гневот скротен, мрзливоста протерана,... имаше љубов кон сите, мир со сите; благоразумност покрај с ? , ревност кон славата Божја, јавна за сите. Не е чудо што човек со такви добродетели беше поставен за епископ. Свети Антим епископствуваше во Никомидија во времето на лутото гонење на христијаните под свирепите цареви Диоклецијан и Максимијан. Особено во Никомидија христијанската крв се лееше во потоци. Една година на денот на Христовото Рождество во еден храм беа изгорени дваесет илјади маченици (види под 28 декември). Тоа се случи во времето на архиерејството на Антим. Но гонењето не заврши со тоа, туку продолжи, па мнозина христијани беа фрлени во затвор и така чувани за маки и убивање. Свети Антим се оддалечи во едно село, Оман, не за да ? побегне на смртта, туку за да може оттаму да го храбри своето стадо во подвигот на мачеништвото, за никој да не отпадне заради страв. Едно од неговите писма до христијаните во затворот го фатија и му го предадоа на царот Максимијан. Царот испрати дваесет војници да го фатат и да го доведат Антим. Белокосиот проѕорлив старец им излезе во пресрет на војниците, ги воведе во својот дом и ги нагости, па дури потоа им кажа дека тој самиот е Антим когошто тие го бараат. Восхитени од неговата добрина војниците му предлагаа да се скрие, а тие да му речат на царот дека не можеле да го најдат. Но Антим им одговори дека тој не смее да дозволи со лага да се престапува заповедта Божја и да се спасува неговиот живот, туку појде со нив. Патем војниците поверуваа во Христа и примија крштение од овој епископ. Изведен пред царот Свети Антим баше долго и луто измачуван, а најпосле го исекоа со секира. Го прослави Господа и се упокои во Него во почетокот од 4 век.
Тропар
Радувај се, роде човечки, радувај се, Никомидија, ете од тебе Бог порасна фиданка, која стократен плод ќе принесе, преку неа врати ќе се отворат, за ангели земни кон небеса да восходат. Антиме, Христов епископе, ти кој на Бога непрестајно за сe благодариш, не отстапувај од Спасителот прошка да измолиш, за сите оние кои тебе те повикуваат.