Пролог: Светиот свештеномаченик Протериј
 

 

Житие: Светиот свештеномаченик Протериј

Календар, житија, пости
Почеток
 
Овој светител беше презвитер во Александрија во времето кога патријарх во тој град беше еретикот Диоскор, еден од покренувачите на монофизитската ерес, којашто учеше дека во личноста на Исус Христос нема две природи туку една. Во тоа време царуваа Маркијан и Пулхерија. Протериј, кој беше благочестив и свет маж, стана против Диоскор и за ова претрпе многу беди. Тогаш беше свикан Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон, на којшто монофизитската ерес беше осудена, Диоскор симнат од престолот и испратен во прогонство. На негово место беше избран овој правоверен маж Протериј. Тој управуваше со Црквата со ревност и со љубов на вистински Христов следбеник. Но следбениците на Диоскор не престанаа да создаваат смут во Александрија. При еден ваков крвав метеж Протериј излезе од градот со намера привремено да се оддалечи, но на патот му се јави Пророкот Исаија и му рече: „Врати се во градот, те чекам за да те земам“. Протериј се врати и влезе в црква. Кога слушнаа дека се враќа, дрските еретици навалија во црквата, го фатија патријархот и го избодија со ножеви. Тогаш со Протериј загинаа уште шестмина христијани. Така прими маченички венец за православната вистина овој прекрасен пастир на Христовото стадо во 457 година.

Тропар
Преисполнет со духот кој кај тебе го засади Христос Спасителот, преку великиот Кирил, ти пастиру, Протерие, чашата милостива докрај ја испи, со венец маченички се закити од Оној Кој за вистината дарува, докрај останувајќи верен на Господа, Кого ние, по твоите молитви, Го исповедаме, Него и Синот Негов во две природи, и Духот Свети, Кој од Него исходи – Бога Троичен – во сите векови.