Пролог: Светиот апостол Јаков
 

 

Житие: Светиот апостол Јаков

Календар, житија, пости
Почеток
 
Син Алфеев и еден од Дванаесетте големи апостоли. Роден брат на евангелистот Матеј. Сведок на словото на вистината и на чудата на нашиот Господ и Спасител Исус Христос, сведок на Неговото страдање, Воскресение и Вознесение. По слегувањето на Светиот Дух на Педесетница, на апостолот Јаков му падна во дел да го проповеда Христовото Евангелие во Елефтеропол и околните места, потоа во Мисир, каде што и пострада за својот Спасител. Со голема сила и на збор и на дело Св. Јаков ја разнесуваше благовеста за воплотениот Бог Слово, уривајќи го идолопоклонството, од луѓето изгонувајќи ги демоните, лечејќи секаква мака и болест со името на Господ Исус Христос. Неговиот труд и неговата ревност беа крунисани со голем успех. Многумина незнабожци поверуваа во Господа Христа, се основаа и устроија цркви, беа поставени епископи и свештеници. Пострада во Мисир, во градот Острацин, распнат на крст од незнабожците. Така овој голем и прекрасен апостол се пресели во Небесното Царство, за со Царот на славата да царува бесмртно.

Тропар
Славата Божја која небесата ја вознесуваат, ја возвестуваше ти о апостоле и мачениче Христов Јакове, проповедајќи ја науката за бесмртноста и слободата, ја посведочи љубовта која како благодат се излива на родот човечки, а на тие кои ќе поверуваат им носи спасение. Моли се, свети апостоле, да го запазиме печатот на крштението неповреден.