Житие: Светиот маченик Ермиј
Остаре како царски војник и на старост пострада за Христа. Откако злобниот судија залудно го одвраќаше од верата во Христа и залудно го советуваше да им принесе жртви на идолите, нареди и забите му ги исчукаа со камења, а кожата од лицето му ја одраа со нож. Потоа го фрлија во огнена печка, но тој стана, сочуван од благодатта Божја. Потоа го испи најлутиот отров, којшто некој волх му го даде на наредба од судијата, но отровот воопшто не му наштети. Кога го виде тоа волхот толку се изненади, што јавно Го исповеда Христа, за што веднаш беше убиен со меч. Потоа на Ермиј му ги ископаа очите, но тој не жалеше, а му викна на судијата: „Земи си ги овие телесни очи што ја гледаат суетата на светот, јас имам очи на срцето, со коишто јасно ја гледам Светлината на Вистината“. Потоа беше главечки обесен, но тие што го обесија ослепеа и се тетеравеа околу него. Свети Ермиј ги повика кај себе, ги положи рацете на нив и со молитва кон Господ им го врати видот. Кога го виде ова судијата се разјари како лав, па извади нож и му ја отсече главата на Божјиот човек. Христијаните скришно го зедоа телото на Ермиј и чесно го погребаа. Неговите мошти им даваа исцеление на сите болни и неволни.
Тропар
Кон тебе денес припаѓаме, Ермие, војник на небесниот и бесмртен Цар Христос, кој во мачеништво со благодатта Господова чудеса твореше: слепи прогледуваа, загубени се спасуваа. За нас сега застапи се, пред Христа Бога, да се спасат нашите души.