Житие: Преподобен Марко Трачески
Се нарекува уште и Атински, според неговото родно место Атина. Кога таму ги заврши високите школи, родителите му умреа. Тој во себе помисли дека благовремено треба да се подготви за чесно заминување од овој свет. Откако им го раздаде имотот на сиромашните, седна на една штица и тргна по морето со тврда вера во Божјата помош и молејќи Го Бога да го одведе на место коешто ќе ? биде угодно на Неговата Света волја. Промислителот Бог го одведе во Ливија (или Етиопија), на планината наречена Траческа. На оваа планина Марко се подвизуваше полни деведесет и пет години и не виде таму ниту човек ниту ѕвер. Цели триесет години водеше страшна борба со демоните и се мачеше со глад и жед и жега и мраз. Јадеше земја и пиеше морска вода. После триесет години најжестоко страдање демоните победени побегнаа од него, а ангел Божји почна секој ден да му носи храна во вид на леб, риба и овошје. Пред смртта дојде да го посети Св. Серапион, којшто потоа и го објави житието на овој чудесен светител. Го запраша Марко Серапион: „Има ли денес христијани во светот кои кога би ? рекле на оваа гора: „Дигни се одовде и фрли се в море “, тоа и би се случило?“ Во тој миг накај морето се крена планината на којашто седеа самите. А Марко замавна со раката и ја запре. Таква чудотворна сила имаше овој Божји човек. Пред смртта се помоли за спасението на луѓето и Му ја предаде својата душа на Бога. Св. Серапион ги виде ангелите што ја зедоа душата на Св. Марко и раката што се пружи од небото за да ја прифати. Свети Марко поживеа сто и триесет години и се упокои во Господ околу 400 година.
Тропар
Љубовта твоја, о Марко свети, го најде Изворот нејзин, и ревноста подвижничка ја изѕида гората висока, од каде Хистос за тебе света трпеза постави. Ангели испратени ја мереа големината на подвигот, а ти непрестаjно, незапирливо слава на Господа воздаваше, радувај се и за нас моли се, саду на зрната синапови, кого Спасителот Сам во своите прегратки го прими.