Житие: Светите маченици Филит и Лидија
Овие свети маченици пострадаа во 125 година, во времето на царот Адријан. Сите тие беа христијани по призив и секојдневно му служеа на вистинскиот Бог. Свети Филит беше царски сенатор. Тој, неговата жена Лидија и двете нивни деца, Теопрепиј и Македон, беа како христијани изведени пред царот Адријан. Но бидејќи царот не можеше да се спротивстави на мудроста на свети Филит, ги испрати во Славонија кај војводата Амфилохиј. Тој веднаш нареди да ги обесат на дрво и телата да им ги стружат со дрвени ножеви. Тогаш во Христос поверува Кронид, командирот на затворската стража, кој заедно со светите маченици беше фрлен во темница. Таа ноќ, кога светите маченици се молеа и пееја свештени песни, им се јавија небесни ангели, ги утешија и ги закрепнаа за подвиг на мачеништво.
Утредента, светите маченици беа повторно изведени пред Амфилохиј, и тој им рече: „За вас се подготвени многу маки и казни!“ И нареди да ги фрлат во казан, во кој вриеше масло помешано со сулфур, и – о, чудо! – казанот истиот миг се излади. Поразен од таквото чудо, војводата Амфилохиј поверува во Христос и откако кажа: „Господи Исусе Христе, помогни ми!“ – и самиот влезе во казанот; и до него дојде божествен глас, кој му кажа: „Твојата молитва е услишена; ајде кај мене!“ Кога за тоа дозна царот Адријан, сиот одишувајќи во гнев и закани, дојде од Рим во Славонија. И нареди казанот полн со масло да се загрева седум дена, па во него да се фрлат сите шест маченици. Но кога светите маченици ги фрлија во казанот, со благодат Божја тие останаа цели и неповредени. Посрамен од ова чудо, царот Адријан се врати во Рим, а светите маченици, молејќи се и благодарејќи му на Бога, Му ги предадоа своите души и примија од Него маченички венци.
Тропар
Залудно лагата мрежи протегаше над вас, свети маченици Филите и Лидијо, кои заедно со децата ваши Бога Вистинскиот Го славевте, и од Него мудрост добивте за посрамување на зловерието. Минливоста не се допре до телата ваши, и вие молитвено кон Христа восходивте, молејќи се и за сите оние кои славејќи Го Бога Троичниот, ќе се сетат на вашите свети, о маченици, имиња.