Житие: Светите четириесет и петмина маченици: Леонтиј, Маврикиј, Александар, Сисиниј и другите
Во времето на свирепиот цар Ликиниј, којшто владееше со источниот дел на Византиското царство, имаше големо прогонство на христијаните. Во Никопол Ерменски на царскиот намесник Лисиј му се јави Свети Леонтиј со уште неколкумина пријатели и за себе му рекоа дека се христијани. „А каде е вашиот Христос?“, ги праша Лисиј. „Нели Го распнаа и умре?“ На ова му одговори Свети Леонтиој: „Кога знаеш дека нашиот Христос умре, знај дека и воскресна од мртвите и се вознесе на небото“. По долга препирка за верата Лисиј ги изнатепа и ги фрли во затвор, па не им даваа ни да јадат ни да пијат. Некоја благородна христијанка Василијана им носеше храна и им ја подаваше низ затворскиот прозорец. И во затворот им се јави ангел Божји, ги утеши и ги охрабри. Кога беше судењето, на Лисиј му се јавија и двајца од затворските чувари како новообратени христијани, и уште многумина други, вкупно на број четириесет и пет. Судијата сите ги осуди на смрт, но така што прво да им ги отсечат со секира рацете и нозете, па потоа да ги фрлат во оган. Оваа грозна казна беше целосно спроведена, а душите на овие Свети маченици одлетаа при својот Господ во животот вечен. Чесно пострадаа и наследија царство во 319 година.
Тропар
Маченици свети, кои на бојно поле побрзавте, Христа Го исповедавте и венец на спасение добивте. Повикајте и денес за нас, о младенци на Царството нетлено – раце подавајќи на жртва, поради Оној Кој нив ги создаде, нозе принесувајќи за да одиме по стапките на Неговите заповеди, о Никополски маченици, молете се Христос сила да подари, за спасение на нашите души.