Житие: Спомен на монахот којшто радосно умре зашто никогаш во животот не осуди никого
Овој монах беше мрзлив, негрижлив, немолитвен, но во целиот свој живот не осуди ниеден човек. И кога умираше беше весел. Кога го прашаа браќата како при толку гревови умира весело, одговори: „Сега видов ангели што ми покажаа хартија со моите многубројни гревови. Јас им реков: „Господ рече: „Не судете за да не ви се суди““. Јас никогаш никого не осудив и се надевам на милоста Божја дека нема да ме осуди“. И ангелите ја искинаа онаа хартија. Кога монасите слушнаа за ова, се восхитија и се поучија.
Тропар
Велик си ти, Господи, Кој раце кон нас подаваш и заповеди кои живот источуваат и слабоста во сила спасителна ја преобразуваат: не судете да не бидете осудени, и само едно е потребно, а за другото – истресете ја прашината од нозете ваши: и затоа несудењето е извор на простувањето. Еден го достигна – сите можат, Господи слава Ти.