Пролог: Светата маченичка Томаида
 

 

Житие: Светата маченичка Томаида

Календар, житија, пости
Почеток
 
Родена е во Александрија од чесни родители, научена на благочестие од малечка и во нејзината петнаесетта година венчана со чесен маж. Но нејзиниот свекор беше скверен старец и во отсуство на синот ја нападна својата снаа и сакаше да ја обесчести. Томаида се исплаши и во стравот го опоменуваше свекорот за законот Божји и се истргнуваше од неговите раце. После долга борба свекорот извади нож и ја закла снаата, па ја расече на две половини. Во тој миг го постигна ваква казна од Бога: веднаш ослепе и не можеше да ја најде вратата за да излезе оттаму, туку го затекнаа во таа одаја и го предадоа на суд којшто го осуди на смрт. Света Томаида пострада чувајќи ја заповедта за сопружничката верност и чистота. Подоцна многумина кои ги измачуваше блудната страст ? вознесуваа молитви на Света Томаида и од неа добиваа крепка помош. Големиот подвижник Данило нејзините мошти ги пренесе во Скитот и таму ги положи на гробиштата на свештеномонасите. Света Томаида пострада во 476 година.

Тропар
Духот во тебе од Бога облагодатен, ни пепел не остави согорувајќи ја страста телесна, о Томаидо, девственичке света, просејќи ги светите молитви твои, припаѓаме пред тебе за да се ослободиме од целото телесно мудрување и Бога да Го умилостивиме да ја врати нашата првобитна убавина.