Житие: Светиот маченик Орест
Од градот Тијана во Кападокија. Св. Орест од раѓање беше христијанин, а лекар по занимање. Беше сурово мачен од некој свиреп кнез Максимин во времето на царувањето на Диоклецијан. Кога кнезот најнапред го советуваше да се одрече од Христа и да им се поклони на идолите, Орест одговори: „Кога ти би ја познал силата на Распнатиот, би ја отфрлил идолската лага и би Му се поклонил на вистинитиот Бог“. За ова беше многу биен, стружен и растргнуван, горен со врело железо, па најпосле фрлен во затвор за да умре од глад. Младиот Орест помина седум дена без леб и вода. Осмиот ден повторно го изведоа пред кнезот, којшто му се закани со страшни маки. На ова Орест му одговори: „Готов сум да претрпам секаква мака, бидејќи го имам знакот на мојот Господ Исус Христос изобразен на моето срце“. Тогаш кнезот нареди и му удрија во нозете дваесет железни клинци, го врзаа за коњ и го збоднаа по трња и камења, додека не издивна. На местото каде што беше фрлено телото на Божјиот маченик Орест се јави еден човек светол како сонце, па ги собра сите негови коски и ги пренесе на еден рид близу градот Тијана, таму ги погреба чесно. Овој прекрасен светител Орест му се јавил на Св. Димитриј Ростовски и му ги покажал сите свои рани на телото.
Тропар
Ти кој Име Христово посакуваше на срце твое да биде запишано, исповедниче на Бога Живиот, лекару кој со благодат Господова мртвите во живот ги приведуваше, Оресте свет, моли се за нас грешните, кои денес те чествуваме и твоето свето мачеништво го прославуваме.