Житие: Светиот маченик Калиник
Родум од Киликија. Од малечок воспитан во христијанското благочестие. Остави с ? и тргна да го проповеда Евангелието. Во Анкира беше фатен од некој незнабожечки кнез Сакердон. Кога кнезот му се закани со грозни маки доколку не им се поклони на идолите, Свети Калиник му одговори: „Мене секоја мака за мојот Бог ми е добродојдена како леб на гладен“. По страшни истизавања и заплашувања кнезот го обу во железни опинци со внатрешни клинци и нареди да го тераат до градот Гангрски, зашто не смееше веќе да го мачи ниту да го погуби во Анкира, бидејќи мнозина што го гледаа јуначкото трпење на Божјиот човек се обратија во верата Христова. По патот војниците ожеднеа, а немаше вода. Свети Калиник се помоли на Бога и низведе вода од еден камен. Кога пристигнаа во градот Гангрски мачителите го фрлија Свети Калиник во вжарена печка. А светителот Му вознесе молитва на Бога, велејќи: „Ти благодарам, Оче Кој Си на небесата, Кој ме удостои за овој час во којшто за Твоето име умирам“. Потоа влезе во огнот. Кога изгасна огнот го најдоа неговото тело мртво, но неповредено и цело. Чесно пострада и се украси со венец на вечна слава во 250 година.
Тропар
Душата без Љубов животот не го поима, во таква вистина патот ти го помина, о свет мачениче Калиниче, сакајќи да го избавиш човекот од лагата, топли солзи кон Бога пролеваше, и телото да се изгори за сведоштво го предаде, Христос ја прими од тебе жртвата принесена, телото твое го сочува, и ги милува оние кои Го повикуваат преку тебе светото име Негово.