Житие: Светиот свештеномаченик Ипатиј, епископ Гангрски
Роден во Киликија, а епископ во градот Гангра. Учествуваше на Првиот Вселенски Собор. На сите страни прочуен заради благочестивиот живот и дарот на чудотворство. Царот Констанциј нареди да се изобрази ликот на Ипатиј уште за време на животот на овој светител и тој лик царот го држеше во својот дворец како оружје против секаква непријателска сила. Враќајќи се еднаш од Цариград Ипатиј беше нападнат во еден теснец од еретиците новатијани и турнат од друмот во некоја кал. При ова една жена од таа дружина го удри со камен во главата и вака светителот го заврши својот земен живот. Но жената одеднаш полуде и го зеде истиот оној камен и со него се удираше самата себеси. Кога ја доведоа на гробот на Свети Ипатиј и Му се помолија на Бога за неа, по големата милосрдност на Свети Ипатиј таа се исцели и остатокот од животот го помина во покајание и молитва. Свети Ипатиј пострада и се пресели во Царството на Христос во 326 година.
Тропар
Незлобливоста твоја подарувана ти одозгора, те удостои со чин епископски, о сјаен подвижниче Ипатие, смирението кон тебе ангели привлече, а со трпението створената природа се покори, о чудотворче кој насекаде возвестуваш за силата Христова, моли се, Божји угодниче, благодат да добиеме, за со сите да се помириме, и мир во Господа да најдеме.