Житие: Светата маченичка Евлалија
Во времето на страшните гонења на христијаните во Шпанија живееше една девица Евлалија, родена од родители христијани, во местото наречено Варкинон. Сета предадена на Христа како на свој Женик, сета вдлабочена во Светото Писмо, таа истрајно се трудеше во драговолни подвизи на духот и телото. Кога мачителот Дакијан немилосрдно ги убиваше христијаните ширум Шпанија, па дојде во Варкинон, Евлалија ноќе се искраде од кај родителите, излезе пред мачителот и пред многуброен народ го изобличи за убивање невини луѓе, а ги исмеа и мртвите идоли и јавно ја исповеда својата вера во живиот Господ Христос. Разјарен Дакијан нареди да ја разголат и да ја бијат со стапови. Но Светата девица изјави дека заради Христа не чувствува ни болки ни маки. Тогаш мачителот ја приврза крстообразно за едно дрво и нареди телото да ? го палат со свеќи. Ја запраша каде е нејзиниот Христос сега да ја спаси. А Евлалија одговори: „Овде е со мене, но ти заради твојата нечистотија не можеш да Го видиш.“ Евлалија го предаде својот дух на Бога во големи маки. Кога издивна, видоа како од нејзината уста излегува бел гулаб. Тогаш ненадејно падна снег и го покри голото тело на маченичката како да е фустан. Третиот ден дојде Свети Феликс и жално плачеше пред висечкото тело на Света Евлалија. Тогаш на мртвото лице на светителката се појави насмевка. Нејзините родители дојдоа заедно со други христијани и чесно го погребаа телото на Светата девица. Света Евлалија пострада за својот Господ и појде во вечната радост на почетокот од 4 век.
Тропар
Девственичке Христова, Евлалијо света, која ревносно по Патот тргна босонога; ангелски крилја доби и благодат изобилна за Бога да Го исповедаш пред оние кои седеа во смртна сенка. Устата твоја сега во Небесното Царство, света маченичке, нека секогаш се застапува за нас кои при тебе молитвено припаѓаме.