Житие: Блажениот Исидор Јуродив заради Христа
Германец по потекло. Кога дојде во Ростов ја засака православната вера, па не само што стана член на Православната Црква туку го зеде на себе и тешкиот подвиг на јуродството. Одеше сиот во крпи. Денот го минуваше правејќи се луд и под вид на лудост ги поучуваше луѓето, а ноќта ја минуваше во молитва. Ноќеваше во една колиба од гранки, којашто самиот си ја направи. Овој светител покажа големи и страшни чуда и за време на животот и после смртта. На еден трговец, кој беше исфрлен од коработ и се давеше во морето, Исидор му се јави одејќи по водата и го изведе на брегот. Кај ростовскиот кнез пресушија еднаш сите садови со вино, бидејќи слугите го избркаа Исидор од пред вратата и не му дадоа чаша вода. Кога умре, во 1484 година, на 14 мај, во својата колиба, сиот Ростов замириса со некој прекрасен мирис. Оној трговец когошто Блажениот Исидор го спаси од морето, му подигна црква на местото каде што беше неговата колиба.
Тропар
Многуте подвизи преку кои Христос Спасителот, во Небесното Царство те воведе, беа мелеми за душата твоја, злоставувањата срце ти отворија, во кое гревовите на ближните ги криеше, и за нив непрестајно се молеше, о Исидоре, горостасу на љубовта, луд за светот, а премил за Господа. Молиме денес и секогаш, една солза твоја радосна, за нас да се источи пред престолот Христов.