Пролог: Светите маченици Аникита и Фотиј
 

 

Житие: Светите маченици Аникита и Фотиј

Календар, житија, пости
Почеток
 
Царот Диоклецијан еднаш го посети градот Никомидија со зла умисла да ги истреби наполно христијаните. Па кога почна бездушно да ги истизава и мачи, пред него застана Свети Аникита, којшто беше еден од градоначалниците, и смело ја исповеда пред царот својата вера во Господ Исус Христос, Бог воплотен во тело заради нашето спасение. При ова Аникита уште и ги разобличи идолите како глуви и неми камења на коишто еден разумен човек е недостојно да им се поклонува. Разјарен царот нареди и му го отсекоа јазикот. Но со силата Божја Аникита и натаму говореше. Тогаш на него пуштија лав, ама лавот се умилкуваше околу него. Во тој миг падна храмот на Херкул. Фотиј, роднина на Аникита, го виде овој случај и трпењето на Аникита, па го бакна Аникита, се објави себеси за христијанин и му возвикна на царот: „О идолопоклонику, засрами се, твоите богови се ништожници!“ Царот нареди веднаш да го убијат со меч. Но кога крена рака на Свети Фотиј, џелатот со мечот се удри самиот себеси и умре. По долги маки и двајцата ги фрлија во затвор и лежеа таму три години. Тогаш ги изведоа, усвитија огромна печка и ги фрлија во оган. Мнозина христијани, мажи, жени и деца, своеволно влегоа со нив во огнот. И од огнот се слушна молитвата на христијаните со којашто Му благодареа на Бога за маченичката смрт. Сите пострадаа околу 305 година. Светите Никита и Фотиј се повикуваат во молитвите на Маслосвет и Водосвет.

Тропар
Радувајте се, свети маченици, верата ваша со благодат ве зали, Аникито и Фотие, вие кои познавте дека нашите страсти се демони глуви и неосетливи, поробувачи човечки, кои Љубовта ја попречуваат да стигне до човечките души, молете се да се разбудиме од сонот телесен и да го предвкусиме животот небесен.