Житие: Светиот свештеномаченик Терапонт, епископ Кипарски
Монах и подвижник на островот Кипар, се удостои со епископски чин, а за време на прогонствата се удостои и со маченички венец. Неговото тело почиваше во една црква на Кипар. Кога во времето на Никифор удрија Агарјаните на островот Кипар, светителот му се јави на туторот на црквата и му кажа дека неверниците ќе го нападнат Кипар, па му нареди неговите мошти да се пренесат во Цариград. Туторот веднаш го изврши тоа. Кога тргна коработ со кивотот, на морето се крена голема бура, но околу самиот кораб беше тивко и мирно, а од кивотот се разлеваше благоухание низ целиот кораб и наоколу. Тогаш туторот го отвори кивотот и сите го видоа преисполнет со миро излеано од моштите на светителот. Од тоа миро се намачкаа мнозина болни и оздравеа. Во Цариград над чудотворните мошти изградија нова црква и почнаа да стекнуваат исцеленија сите што со вера им притекнуваа на светите чудотворни мошти. Со Божествената благодат од моштите на Свети Терапонт се исцелуваа најтешките болни од парализа, рак, крвотечение, лудило, слепило, исушеност и разни други маки.
Тропар
Божји угодниче, свештеномачениче Терапонте, поучен се ослободи со пост и молитва од противникот на слободата, а со благодатта телото го смири од мудрување, затоа сега имајќи смелост пред Господа, моли се за нас, благоуханието од твоите мошти да биде лек за нашите души.