Старец Силуан е роден во 1866 година, со световно име Семјон Иванович Антонов, во набожно руско семејство во Тамбовската губернија.
Уште кога беше малечок, на четиригодишна возраст еден настан го поттикна да помисли во себе: Кога ќе пораснам, ќе го обиколам целиот свет да Го барам Бог. Многу време помина од тогаш, Семјон порасна. Еднаш, кога имаше деветнаесет години, слушајќи разговор за некој светител по име Јован на чијшто гроб се случуваа многу чуда, Семјон помисли: Ако тој е свет, значи дека е Бог со нас и тогаш нема потреба да Го барам. При оваа мисла во неговото младо срце се разгоре оган на љубовта кон Бог. Неговиот ум постојано беше свртен кон сеќавањето на Бог и тој многу Му се молеше плачејќи. Тогаш имаше почувствувано внатрешна промена и стремеж кон монаштвото. Го молеше татко му да го пушти во Киево-Печерска Лавра. Но, тој му велеше: Најпрво отслужи војска, па потоа си слободен да одиш.
Ваква внатрешна состојба кај него траеше неколку месеци, а потоа престана. Тој повторно почна да се дружи со своите врсници, да оди со девојки и воопшто, да живее како и сите останати момчиња.
Неговото семејство беше големо: татко, мајка, тој со четворица браќа и две сестри. Сите живееја во слога. Семјон и неговите браќа со години работеа на имотот на кнезот Трубецкој.
Семјон беше човек со исклучителна физичка сила. Можеше да подига голем товар и со ретка издржливост да ги поднесува жегата и студот. Таа сила, што подоцна му служеше за исполнување на исклучителни подвизи, во тоа време беше и причина за неговиот најголем грев, за кој силно се каеше. Имено, еднаш кога тој со неговиот другар одеа низ селото, во пресрет им доаѓаа двајца селски кондураџии. Едниот, кој бил познат како кавгаџија беше поднапиен. Тој почна да го задева Семјон, кој најпрво се обиде да остане настрана. Еве што тој самиот подоцна кажуваше за ова: Прво, сакав да се тргнам настрана, но наеднаш се засрамив бидејќи девојките што стоеја наоколу ми се потсмеваа, и силно го удрив во градите. Тој одлета далеку од мене, со сета тежина падна на грб на сред патот. Од устата му потече крв. Сите се исплашија, па и јас. Си помислив во себеси: убив човек! И застанав. Во тој час помладиот брат на кондураџијата зеде еден голем камен и го фрли кон мене. Успеав да се свртам, па така каменот ме погоди во грб. Тогаш му реков: „Сакаш ли и ти да си поминеш како твојот брат?“ и се втурив кон него. Но, тој избега. Кондураџијата лежеше на патот. Луѓето дотрчаа и се собраа околу него за да му помогнат да се подигне и едвај го однесоа дома. Боледуваше отприлика два месеца. Но, среќа, остана жив. Долго време после оваа случка морав да бидам внимателен, бидејќи браќата на кондураџијата и нивните другари ноќе со ножеви демнеа по ќошевите од улиците, но Бог ме сочува.
Така, заради бурната младост во душата на Семјон почна да гасне првиот Божји призив кон монашкиот живот. Но, Бог го повика повторно.
Еднаш, после периодот на нецеломудрено живеење, тој задрема и во полусон виде како змија му влегува во устата. Тој почувствува силно гадење и се разбуди. Тогаш ги слушна зборовите: Ти ја голтна змијата во сонот и се гнасиш. Колку ли ми е тешко Мене кога гледам што правиш! Семјон не виде никого. Само го слушна гласот што ги изговараше овие зборови и кој по својата сладост и убавина беше сосема необичен. Кротоста и сладоста на овој глас оставија на него потресувачки впечаток. Според длабокото и несомненото убедување на Старецот, тоа беше гласот на Пресвета Богородица. До крајот на својот живот тој ја благословуваше Мајката Божја затоа што не го презре, туку го удостои за Нејзината посета и го подигна после падот.
Овој втор повик се случи малку пред неговото заминување на отслужување на воениот рок и беше од пресудно значење во изборот на неговиот понатамошен пат. Првата последица од овој повик беше коренита промена на неговиот живот. Семјон чувствуваше длабок срам заради неговото минато и почна многу да се кае пред Бог. Решеноста по завршувањето на воениот рок да замине во манастир се врати со уште поголема сила. Во него се разбуди силно чувство на гревот и заради тоа неговиот став кон сè во животот сосема се измени. Тој многу Му се молеше на Бог сите околности да ги нареди на начин кој ќе му овозможи лесно да замине во манастир. Силно Му благодареше на Бог што ги услиша неговите молитви, но својот грев не го заборави.
Гревот, пред сѐ, е духовна и метафизичка појава. Коренот на гревот е во мистичната длабочина на духовната природа на човекот. Суштината на гревот не е во нарушувањето на етичките норми, туку во отстапувањето од вечниот Божествен живот, за кој е создаден човекот и на кој е, по својата природа, повикан. Гревот, пред сѐ, се извршува во тајните длабочини на човековиот дух, а неговите последици го погодуваат целиот човек. Направениот грев се одразува и на душевната и на физичката состојба на човекот, на неговата надворешност, на целиот негов понатамошен живот. Гревот неминовно ги преминува границите на неговиот индивидуален живот и го оптеретува со зло животот на целото човештво. Според тоа, тој ќе се одрази и на животот на целиот свет.
Не само гревот на прататкото Адам имаше последици од космичко значење, туку секој грев, на секого од нас, било тој јавен или таен, се одразува на состојбата на целиот свет. Правејќи грев, телесниот човек не ги доживува неговите последици онака како што ги доживува духовниот човек. Телесниот човек не запазува некои особени промени во својата душена состојба при направениот грев, бидејќи стално се наоѓа во духовна смрт, и бидејќи не го познава вечниот живот на духот. Меѓутоа, духовниот човек, при секакво приклонување на својата волја кон гревот, запазува промена во својата духовна состојба заради намалувањето на благодатта.
По отсужувањето на воениот рок, Семјон појде кај отец Јован Кронштатски да побара молитвена помош и благослов. Но, бидејќи отец Јован не го затекна во Кронштат, реши да му остави писмо во кое беа напишани само неколку збора: Отец, сакам да се замонашам, помолете се светот да не ме задржи.
На Света Гора пристигна во есен 1892 година и стапи во манастирот на свети великомаченик Пантелејмон. Овде започна неговиот нов, подвижнички живот. Тој сакаше, низ тајната на покајанието, да ја ослободи својата душа од сè што ја притискаше. Затоа, со решителност и страв Божји, не оправдувајќи се ни за што, ги исповеди сите свои гревови што ги сторил во животот.
Брат Симеон влегуваше во духовниот живот според вековниот поредок на светогорскиот монашки живот, проткаен со непрестајно сеќавање на Бог… Како прост човек, слободен од многу прашања, тој, како и останатите монаси, се навикнуваше на новиот живот по пат на органско соединување со средината во којашто се наоѓаше. Поуките на игуменот, духовникот и старците повеќе имаа карактер на практични упатства. Едно од таквите упатства за почетникот е келијната молитва да ја исполнува пред сѐ со бројаница кажувајќи ја Исусовата молитва. Честото повикување на Пресветото име Исусово ја услади душата на братот Симеон. Тој многу се израдува кога дозна дека оваа молитва може да се кажува секогаш и секаде, при секоја работа и во секоја прилика, дека е добро да се „држи“ и за време на црковната служба, и дека таа ги заменува сите богослужби кога не постои можност да се појде во црква. Тој огнено и многу се молеше, бидејќи неговата душа силно тагуваше и копнееше по Оној Кој може да ја спаси.
После кратко време, веќе после три недели, за време на Вечерната служба пред иконата на Богородица, тој осети дека молитвата влегува во неговото срце и се исполнува таму сама од себе без престан. Но, тогаш тој уште не го разбираше значењето и големината на реткиот дар што го доби од Мајката Божја.
Братот Симеон беше трпелив, незлобив и послушен. Но, беше неопитен во духовната борба. Една вечер, во неговата келија се појави необична светлина, којашто го проземаше дури и неговото тело, така што тој можеше да ја види својата внатрешност. Помислата му велеше: Прими, тоа е благодат. Сепак, душата на послушникот почувствува немир и се најде во недоумение. Иако, молитвата и понатаму продолжи да дејствува во него, духот на скрушеност се оддалечи во таа мера што за време на молитвата го нападна смеа. Тој силно се удри по челото со раката. Смеата престана, но духот на покајанието не се врати, а молитвата течеше без скрушеност. Тогаш тој разбра дека со него нешто не е во ред.
После видување на оваа чудна светлина почнаа да му се јавуваат демони. Месеците поминуваа еден по друг, а демонските напади стануваа сѐ помачни. Доаѓајќи до крајно очајание, седејќи во својата келија тој помисли: Бог е неумолив. Оваа мисла предизвика во него чувство на целосна оставеност и наеднаш тој почна да потонува во темнина на очајание и тага. Оваа состојба траеше околу еден час. Истиот ден за време на Вечерната служба во црква „Господ на неискажлив начин му се јави“ на младиот послушник. И целото негово битие се исполни со огнот на благодатта на Светиот Дух.
Живеејќи го своето воскресение и гледајќи ја светлината на вечниот живот душата на Симеон некое време ја живееше состојбата на пасхално празнување. По извесно време, тој уште еднаш го доживеа благодатното озарување слично на првото, но сепак помалку силно. Потоа, тоа почна да слабее. Тогаш, повторно почна да се јавува стравот да не ја изгуби благодатта. Го мачеше прашањето како да го спречи губењето на благодатта. Мачен од своите сомнежи, Симеон појде да се посоветува со старец Анатолиј, кој го советуваше за време на молитвата да го чува умот од мечтаења и од помислите врзувајќи го за зборовите на молитвата. Симеон помина многу време кај старецот Анатолиј. На крајот од нивниот разговор старецот Анатолиј не скривајќи го своето восхитување му кажа на Симеон: кога сега си ваков, каков ли ќе бидеш кога ќе остариш? Ова беше грешката на старецот Анатолиј, бидејќи така на младиот подвижник му даде повод за славољубие со коешто овој уште не знаеше да се бори. Така, Симеон ја започна најтешката, најсложената и најтенкосетната борба - борбата со славољубието.
Гордоста и славољубието се извор на сите неволји и падови. Благодатта почнува да го напушта човекот, срцето се лади, молитвата слабее, умот се расејува и почнува налет на страсните помисли. Душата којашто еднаш беше удостоена да го види вечниот живот, срцето коешто ја почувствува сладоста на Светиот Дух, умот кој ја позна чистотата нема да се согласат со прифаќањето на нечистите помисли. Душата тагува, плаче, се моли и се бори да го задржи Незадржливиот.
Симеон е 1896 година потстрижен во расо со името Силуан, а во 1911 година прими схима. Монахот Силуан постепено се учеше на посовршениот начин на аскетски живот, исполнувајќи притоа тешки подвизи кои на многумина им изгледаат невозможни. Тој спиеше најмногу 2 часа дневно, со прекини од 15-20 минути, седејќи на некое столче. Дење работеше во манастирската мелница, подвизувајќи се во внатрешното послушание - во отсекувањето од својата волја и учејќи се на попотполна предаденост на волјата Божја. Беше воздржлив во јадење, во разговор, во движењето, непрестајно пребиваше во умната молитва изговарајќи го името Исусово во себе, што е најтежок подвиг кој ги исцрпува сите сили на човекот. Но, и покрај овој подвиг, светлината на благодатта често го напушташе, а ноќе го вознемируваа демоните. Како утеха во неговата духовна борба на монахот Силуан од Господ му беа упатени зборовите: држи го умот свој во адот и не очајувај.
Монахот Силуан низ опитот во својот живот разбра дека бојното поле на духовната борба со космичкото зло е човечкото срце. Тој со духот виде дека најдлабокиот корен на гревот е гордоста, тој камшик на човештвото што луѓето ги оддели од Бог и светот го турна во безбројни неволји и страдања, тоа семе на смртта што човештвото го обви со теминината на очајанието. Оттогаш монахот Силуан сите свои сили ги насочува кон подвигот за стекнување на Христовото смирение, што му беше дадено да го познае за време на првото Божјо јавување, но коешто сепак не успеа да го сочува.
Напоредно со благодатните посети во душата на монахот Силуан растеше и чувството на благодарност кон Бог: Господи, како да Ти заблагодарам за оваа неискажлива милост; на незнајко и грешник каков што сум јас му ги откриваш Своите тајни. Светот пропаѓа притеснет со оковите на очајанието, а мене, последниот од сите, ми го откриваш вечниот живот. Господи, направи сиот свет да Те познае, а не само јас. Неговата молитва ја прозема болката за светот што не Го знае Бог. Да се молиш за сите луѓе е исто како да пролеваш крв.
Христовата љубов е блаженство кое не може да се спореди со ништо на светот. Но, таа љубов е воедно и најголемото страдање. Гледано низ призмата на Христовата љубов, сите луѓе се неразделен дел од нашето сопствено битие. Братот наш е нашиот живот.
Старецот Силуан со особен жар се молеше и за умрените. Еден подвижник ме праша: „Дали плачеш за своите гревови?” Му одговорив: „Малку, но за умрените пролевам многу солзи.” Тогаш тој ми рече: „Ти плачи за себеси, а другите Господ ќе ги помилува. Така кажа Игуменот Макариј.” Го послушав и почнав да правам така како што ми кажа. Престанав да плачам за умрените, но тогаш престанав да плачам и за себеси.
Му раскажав за тоа на еден друг подвижник којшто имаше дар на солзи. Тој сакаше да размислува за страданијата на Спасителот, како Господ, Царот на Славата, толку многу страдаше за нас, и секој ден пролеваше многу солзи. Го прашав: „Дали да се молам за умрените?” Тој воздивна и ми рече: „Кога тоа би било можно, јас сите би ги извел од пеколот, и дури тогаш мојата душа би се успокоила и би се радувала.”
При тоа со рацете направи движење како да собира снопови на нива, а од неговите очи течеа солзи.
После тоа, јас не престанав да се молам за умрените. И солзите ми се вратија. Јас многу плачев молејќи се за нив.
Во своите молитви Старецот не беше многуглаголив, но секогаш се молеше многу долго. Често се молеше без зборови. Умот во особен чин на синтеза мисли на сите одеднаш. Тогаш душата стои на онаа граница каде што секој миг може да се изгуби чувството за светот, па и за своето сопствено тело, кога умот престанува да мисли во одделни поими, кога човек со духот невидливо Го гледа единствено Бог. Во таквите моменти човекот ја заборава земјата, молитвата се прекинува и тој во еден восхит на молчење пребива во Бог. Кога сиот ум е во Бог, човекот сосема го заборава светот, говореше Старецот.
Старецот Силуан беше удостоен за она знаење со какво што се удостојуваат само исклучителни поединци на една генерација. Во своите разговори тој како да се плашеше да оди понатаму од некое навестување. Кога Старецот приметуваше дека неговиот соговорник не ги разбира неговите зборови, веќе не се трудеше понатаму да го објаснува она што, пред сѐ, се познава преку опит. А неговата духовна целомудреност не му дозволуваше да го изнесува својот опит. Така, Старецот за време на својот живот остана „неоткриен“. Без сомнеж, не беше тоа само волјата Божја, туку и неговата сопствена желба. Неа Бог ја прифати и ја исполни, сокривајќи го дури и од Отците на Света Гора.
Сепак, Старецот Силуан не остана сосема неоткриен. Некои монаси, а и лаици го посетуваа или беа со него во преписка. Меѓу нив, беа и некои Епископи, свештеници со високо теолошко образование.
Еднаш, еден странец, православен, кој поминуваше некое време во манастирот на свети Пантелејмон, се сретна со Старецот Силуан, го засака и почна често да го посетува. За ова знаеја и монасите. Еднаш, еден од јеромонасите од соборот на Старците, начитан, го сретна странецот во манастирскиот ходник и го праша: „Не можам да разберам зошто вие, учени академици, одите кај Старецот Силуан, тој неписмен селанин? Зарем не најдовте некој попаметен од него?“ „Да го разберете Старецот Силуан, треба да бидете академик“, одговори гостинот со болка во душата.
За површен набљудувач Старецот до крајот на својот живот остана само „обичен“ човек. Живееше како и секој добар монах: го исполнуваше послушанието, беше воздржлив во сѐ. Го држеше манастирскиот типик, се причестуваше два пати неделно, а за време на постот три пати неделно. Работеше како манастирски економ. Според неговата физичка сила таа работа за него не беше тешка. Секогаш беше спокоен и благ. Ништо не го нарушуваше неговиот душевен мир, ниту страстите го изобличуваа неговиот внатрешен или надворешен лик. А како вистински и опитен подвижник, знаеше да го прикрива својот внатрешен живот и да живее сокриено, според заповедта Господова. До крајот на својот живот не се интересираше за световните нешта, а во длабочината на своето срце непрестајно го носеше огнот на Христовата љубов.
Се упокои на 24 септември 1938 година, после 46 години монашки живот. За светител е канонизиран од страна на Вселенската Патријаршија во Константинопол во 1988 година.
Навидум во животот на Старецот нема ништо особено, но во суштина целиот негов живот беше непрекината борба за стекнување и зачувување на Христовата љубов. Старец Силуан спаѓаше меѓу оние ретки подвижници кои на почеток од својот подвиг добиваат голема благодат на совршените. Но, бидејќи никој во потполност не може да го сочува дарот на божествената љубов, подоцна во текот на понатамошниот подвиг тие го преживуваат одземањето на благодатта и богооставеноста. Всушност, тоа не е целосно одземање на благодатта, туку душата и најмалото слабеење на благодатното дејство го доживува како богооставеност. Овие подвижници најмногу страдаат заради силината на контрастот. Бидејќи ја познаа благодатта и ја видоа несоздадената божествена светлина, тие неспоредливо подлабоко и поостро ја доживуваат темнината на богооставеноста и нападите на страстите. Тоа значеа неговите зборови: вие не можете да ја разберете мојата тага, или оној кој не Го позна Господ не може да Го бара со солзи.
Тропар
Благословен е Бог Кој душата твоја ја посети, ум смири и срце со светлина напои, за да нам ни дошепнеш да не очајуваме, и кога умот во адот го имаме. О Силуане, смирен оче, моли се за нас како и за целиот Адам, ти кој благодатно застана над гордата змија, и волјата Господова ја побара, заборавајќи на својата.