Пролог: Свети Јован Руски
 

 

Житие: Свети Јован Руски

Календар, житија, пости
Почеток
 
Светиот исповедник Јован Руски се родил околу 1690 година во Мала Русија, денешна Украина. Уште од мал бил воспитан во побожност и љубов кон Црквата Божја. Кога станал полнолетен го викнале во војска. За време на војната во 1711 година, Јован и другите војници биле заробени од Татарите, кои го продале на заповедникот на турската коњаница. Тој го однел заробеникот во своето живеалиште во Мала Азија, во селото Прокопиј, во близина на Кесарија. Неговиот господар често го мачел, надевајќи се дека неговиот слуга ќе го прифати мухамеданството. Меѓутоа, свети Јован решително се спротивставувал на волјата на својот господар и велел: „Ниту со закани, ниту со ветувања на богатства и наслади не можеш да ме одвратиш од мојата вера. Како христијанин се родив и како христијанин ќе умрам“. Овој угодник Божји му служел на својот господар од рано наутро до доцна навечер, совесно исполнувајќи ги сите негови заповеди. Гледајќи ја неговата усрдност, другите слуги често го исмевале, но праведниот Јован никогаш не се гневел поради тоа. Напротив, секогаш кога можел им помагал во работата и ги тешел во несреќите. Поради тоа, агата стекнал голема доверба во него, така што му предложил како слободен да живее каде ќе посака. Меѓутоа, тој избрал да остане во аголот во шталата. Со својот свет живот им станал мил на Турците и тие со восхит почнале да го нарекуваат „вели“, што значи светител. Пред крајот на својот макотрпен и подвижнички живот, преподобен Јован се разболел. Лежел на сеното во шталата и повикал свештеник за последен пат да го благослови пред исходот на неговата душа. Причестувајќи се со Светите Тајни, ја предал својата душа на 27 мај 1730 година. По три години неговите свети мошти биле пренесени во храмот на свети великомаченик Георгиј и биле положени во посебна гробница. Новиот Светител не го почитувале само православните христијани, туку и Ерменците и Турците, кои молитвено му се обраќале: „Слуго Божји, нека не н? напушта твојата милост!“

Тропар
Од земјата на твоето ропство, повикувајќи те во Небесната населба, Господ го сочува неповредено исцелителното твое тело, праведен Јоване; зашто од Русија земен и во Азија продаден, среде агарјанското злочестие, благочесно поживеа во многу трпение, и откако посеа овде со солзи, таму жнееш со неискажлива радост. Затоа моли Го Христа Бога да се спасат нашите души.