Житие: Свети Герман, патријарх Цариградски
Син на првиот царски сенатор, кого што го уби царот Константин Погонат. Истиот овој зол цар го кастрираше сенаторовиот син Герман и насилно го протера во манастир. Како монах Герман засветли со својот добродетелен живот како ѕвезда. Заради тоа беше избран прво за епископ Кизички, а потоа, кога се зацари Атанасиј II,и за патријарх Цариградски. Како патријарх го крсти злогласниот Копроним, којшто додека се крштеваше ја извалка водата со нечистотија. Тогаш патријархот прорече дека кога тоа дете ќе стане цар, ќе внесе некаква нечиста ерес во Светата Црква. Така и се случи. Кога стана цар, Копроним ја обнови иконоборната ерес. Гонењето на иконите го започна Лав Исавријанин, таткото на Копроним, а кога патријархот Герман му се спротивстави, тој надмено возвикна: „Јас сум цар и свештеник!“, па го симна Герман од престолот и го протера во манастир, каде што овој Светител проживеа уште десет години дури Господ не го повика кај Себе во Небесното Царство, во 740 година.
Тропар
Наоружан со мечот на Божјото слово, Германе свети, Спасителот те ободри, да излезеш на мегдан со лагата од овој свет, Христос преку тебе победи, и темнината ја одгони од верните свои. Моли се за нас ти, исповедниче на верата, пастиру на Црквата, за поучени од твоите сведоштва, истраеме на патот до небесата.