Житие: Свети Јона, митрополит Московски
Родум од Костромската губернија. Во дванаесеттата година стана монах и како таков долго поживеа во Симоновиот манастир во Москва. За време на митрополитот Фотиј стана епископ Рјазански, а кога Фотиј умре, го избраа Јона за митрополит и го испратија кај патријархот во Цариград за да го посвети и утврди. Но тогаш некој Исидор, Бугарин по потекло, го претекна Јона , стигна пред него во Цариград и беше посветен за митрополит руски. Јона се врати на својата столица во Рјазан. Но зломислениот Исидор лошо заврши со своето митрополитство. Отиде на Флорентинскиот собор и се врати во Москва дури после три години. Сите се кренаа против него како отстапник од Православието и го прогонија. Не се знае каде го заврши животот. На митрополитската столица дојде добриот и мудар пастир Јона. Голем чудотворец, проѕорливец, духовник. Кога Агарјаните ја опколија Москва, со својата молитва Јона ги изгони. На старост посака да го снајде некоја болест, да се помачи и со маките наполно да се очисти пред да замине од овој свет. По неговите молитви Бог допушти рана на неговата нога, а за ова му беше претходно јавено во видение на еден свештеник Јаков. Од оваа рана светителот умре и отиде меѓу небесните граѓани на 31 март 1461 година. Над неговите мошти се извршија многубројни чуда. Еден нем човек, Јован, го доведоа над моштите на светителот. Тој ја целиваше раката на Св. Јона и како што раскажуваше отпосле, таа рака го фатила за јазикот од што почувствувал силна болка. Кога му се ослободил јазикот и се свртел кон своите, прозборел како никогаш да не бил нем.