Житие: Светиот Варвар разбојник
После многубројни злосторства се покаја и самиот себеси си наложи прво, три години да оди четириножно и да јаде со кучињата и второ, дванаесет години да живее в шума, без облека, без покрив и без каква и да е друга храна освен трева и лисја. Од ангел доби известување дека гревовите му се простени. Патуваа трговци низ шумата, па го видоа Варвар оддалеку и мислејќи дека е ѕвер а не човек, ги вперија стрелите и го застрелаа. Кога умираше ги замоли да му јават на блискиот свештеник за него. Свештеникот дојде и чесно го погреба. Но од неговото тело потече целебно миро и исцелуваше разни болести и маки кај луѓето.
Тропар
Солзите на покајанието ја измија душата твоја, блажен Варваре, подвигот духовен го очисти срцето заразено од суетата на овој свет, понижувањето те подигна и те доведе до Христовите раце, Кој гревовите твои ги прости, а тебе те заштити и помилува. Моли се за нас, бел цвету на покајанието, изнедрен од пустината, за да бидеш пример за оние кои Го љубат Животот.