Меѓународен богословски симпозиум во Софија
 
 
 
 
 

Меѓународен богословски симпозиум во Софија (13.11.2009)

Денес, во конференциската сала на Софискиот Универзитет започна меѓународниот симпозиум „Тријалог меѓу авраамските религии: јудаизам-христијанство-ислам (преоткривање на традиции и вредности)“. Поздравно слово одржаа ректорот на Софискиот Универзитет проф. д-р Иван Илчев, заменик-министерот за образование, младина и наука д-р Сергеј Игнатов, деканот на Богословскиот факултет при Великотрновскиот Универзитет проф. д-р Димитар Попмаринов Киров, заменик декан на Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“ при Софискиот Универзитет д-р Александар Омарчевски, проф. д-р Славчо Влчанов, монсењор д-р Алберт Раух  и други. На симпозиумот меѓу другите учествува и писателот Клаус Кенет. Покровител на симпозиумот е Неговото Високопреосвештенство Видинскиот Митрополит Дометијан, претседател проф. д-р Славчо Влчанов, а потпретседател проф. д-р Антони Хубанчев. Митрополитот Струмички г. Наум на симпозиумот настапи со предавање на тема „Улогата и функциите на религиозниот раководител  (Криза на лидерство)“. Меѓународниот симпозиум ќе трае до 15 ноември.

 

     

 

     

 

     

 

     

 

     

 

Улога и функции на религиозниот раководител

(Криза на лидерство)

 

Митрополит Струмички Наум

 

 

Позицијата на лидерство во Црквата произлегува, надворешно, од ерархиската поставеност и од власта на свештенството и внатрешно, што е уште поважен услов, од духовнaта зрелост и подготвеност на носителот на свештеничкиот чин. Ќе се обидеме ова што поедноставно да го објасниме. Но, внимавајте, сето она коешто ќе го прочитаме во редовите што следат а кое ќе ни се причини како метафора, знајте дека не е. Тоа е само богочовечка, христијанска онтологија.

Постојат три степени на духовен развој: очистување на срцето од страстите, просветлување на умот и обожение на личноста – и на душата човекова и на телото. Највисок е степенот на обожението. Степените на духовниот развој најлесно се одредуваат според квалитетот на личната молитва: оној што има само усна или умна молитва се наоѓа на степенот на очистување, оној што има аскетска умносрдечна молитва се наоѓа на степенот на просветлување и оној што има непрестајна или благодатна умносрдечна молитва се наоѓа на степенот на обожение.

Постојат и три свештенички степени или чинови: ѓаконски, презвитерски и епископски. Меѓу нив, највисок е епископскиот чин или степен. Според светото предание на Црквата, на секој од степените на духовниот развој соодветствува одреден свештенички чин: на степенот на очистување соодветствува ѓаконскиот чин, на степенот на просветлување соодветствува презвитерскиот чин, а на степенот на обожение соодветствува епископскиот чин. За ова во своите списи ни говорат свети Максим Исповедник, свети Дионисиј Ареопагит, свети Никита Ститат, свети Исаак Сирин итн.

Правилно и идеално би било кога секој носител на кој било од свештеничките степени би имал и внатрешно духовно покритие за нив, односно кога неговиот свештенички чин би одговарал на соодветниот степен на духовниот развој. Вака се поставени работите теоретски. Но, во пракса, во животот на Црквата, многу ретко се случува носителот на одреден свештенички чин да има и внатрешно духовно покритие за чинот што го претставува. Колку се оди кон повисоките свештенички чинови во Црквата, толку е поголемо отстапувањето од идеалот: на пример, може да се сретне ѓакон што како-така чекори по патот на очистување на срцето од страстите, просветлен презвитер е веќе вистинска реткост, а обожен епископ е право чудо. Состојбата е малку подобра, барем за првите два свештенички чина – ѓаконски и презвитерски, среде свештенството од монашките редови. Последново, посебно важи за манастирските заедници од Света Гора.

Епископот по своето место и функција е врховен лидер во Црквата. Но, поради отстапување од горенаведеното правило и светоотечко Предание, односно поради немањето внатрешно духовно покритие кај носителите на овој висок свештенички чин, денес во Православната Црква суштествува криза на ефикасно институционално лидерство. Кризата во лидерството, покрај останатите сфери од црковниот живот, се пројавува главно, од една страна, како грешки (на кој било план) во делувањето на високиот клир на Црквата, а од друга страна, како недоверба на народот во свештенството генерално, како и во Црквата сфатена како институција. На пример, како да се верува во проповедта за слобода, љубов, еднаквост, единство и заедница меѓу луѓето и народите, на Православни Цркви кои меѓусебно не се признаваат; или како да се верува во проповедта за воздржување, простување, молитва, милост, помагање на страдални итн., на свештени лица кои не живеат како што проповедаат? Проблемот не е толку во тоа дали нештата се видливи и познати колку во тоа што нештата луѓето духовно ги чувствуваат.

На почетокот рековме дека позицијата на формално лидерство во Црквата произлегува од ерархиската поставеност на свештенството и дека меѓу свештеничките чинови највисок е епископскиот чин или степен. Должиме едно кратко теолошко појаснување, кое следува.

Значи, таму каде што верниците се собираат на едно место околу својот епископ за да го совршат евхаристиското (литургиското) собрание, таму се остварува и Тело Христово во сета своја полнота, односно таму се возглавува тајната на Божествениот Домострој и во потполност се реализира Царството Божјо. На тоа место и на тој начин се случува Тајната на Црквата.

„Собирањето на народот Божји на едно место е неопходно за постоењето на Црквата, но средиште на тоа собрание може да биде само личноста Христова. Епископот кој го возглавува тоа собрание е икона на есхатолошкиот (вечниот и единствениот Првосвештеник) Христос. Бидејќи Христос е Глава на Телото, на Црквата, и бидејќи таа Глава е во постојан однос и упатеност кон Бог Отецот, затоа и епископот како икона Христова е претстојател на светата Евхаристија, која се вознесува и принесува кон Бог, односно на Неговиот престол. Значи, епископот благодатно, светотаински, го остварува тоа возглавување на Црквата онака како што го остварува тоа Христос, тој е икона Христова и се наоѓа на местото и во образот Христов.

Затоа, нема и не може да постои власт над епископот, бидејќи тој е икона Христова и Глава на Црквата собрана околу него на светата Евхаристија. Како што нема власт над Богочовекот Христос, така нема власт ни над епископот, кој е икона Христова. Епископот како глава на својата епископија е единствен носител на реална автокефалност односно лидерство, и тоа како во делот на своето светотаинско дејствување така и во делот на своето пастирско дејствување и административно работење, без притоа да е обврзан да праша некого дури и за мислење. Значи, тој е Глава на Црквата и нема друга глава над него што ќе одлучува, наредува и надгледува наместо него. Тоа накратко опфаќа поимот лидерство и светотаински, и пастирски, и административно во Црквата.

Епископот како пастир е слободен да го уредува животот на својата епархија, согласно догмите, каноните и уставот на Православната Црква, полагајќи за тоа сметка само пред Бог. Никој не се меша, ниту може, во неговата пастирска дејност: ни Помесен собор на Епископи (Свет синод) ни Вселенски собор. Овде да го напоменеме и тоа дека и првиот по чест епископ (архиепископ, патријарх) ги има истите права како и секој епископ; тоа се права со коишто располага само во својата епархија. Во случај кога би посакал да посети друга епархија и да преземе некое дејствие во неа, тоа може да го стори само со дозвола и благослов на епископот на таа епархија, и обратно.

Соборот на Епископи, како тело, установа, може и повикан е да се појави, да дејствува и да се наметне само во случај кога некоја одлука или дејство на епископот на локалната Црква се спротивни на догмите, на каноните и на уставот на Помесната Црква и влијаат негативно и врз животот на останатите локални Цркви“.1

И покрај вака, теолошки и канонски, цврсто поставената позиција на епископот во Црквата, ние сè уште не можеме да говориме за негово суштинско лидерство. Зошто кога говориме за позицијата на епископот во Црквата, го користиме терминот формално лидерство? Затоа што едно е авторитет на лидер кој произлегува само од значењето на институцијата што се претставува, а друго е авторитет на лидер кој произлегува од внатрешното духовно покритие на неговиот чин со кој тој ја претставува институцијата. Вистински лидер е оној кој сакаме да го следиме, а не оној кој мораме да го следиме. Така, можеме да заклучиме дека: стекнувањето на највисоката позиција во Црквата не го обезбедува само по себе и авторитетот на лидерство, ниту пак дека немањето на формален свештенички чин и позиција на власт во Црквата само по себе подразбира неможност за лидерство со авторитет. Напротив, во историјата на Црквата, кога тие не се совпаѓале, харизматското лидерство секогаш имало поголем авторитет од институционалното лидерство.

Сите светители на Црквата, мажи и жени – маченици, преподобни и јуродиви,  кои немале никаков свештенички чин, се доказ за ова што го тврдиме; и тоа најчесто уште во својот овоземен живот. А најголем евангелски доказ е самиот Господ, Богочовекот Исус Христос, кој во однос на старозаветното свештенство и Црква немал никаква позиција на власт и никаков формален свештенички чин: „Ете, народот тргна по Него“ (види, Јован 12, 19).

Зошто е тоа така, најлесно може да се објасни преку тајната на свештенството на жената, која истовремено е тајна и на царското или внатрешно свештенство, на кое, преку Крштението, сме повикани сите.

Да повториме на кратко: свештеникот, по функција, ја претставува и ја возглавува Црквата. Свештеникот е оној што стоејќи пред Црквата и во име на Црквата ги принесува даровите на Црквата пред престолот Божји, пред Бог. Преку него се совршува тајната на соборниот начин на постоење: самите себеси, еден со друг и целиот наш живот на Христа Бога, а во Него, на Бога и Отца да Му го предадеме. Бог, пак, ни го дарува својот божествен живот. Во ‘историскиот период на Икона’ (во овој свет и век), свештеникот е оној што се појавува на местото и во образот Христов, совршувајќи го Неговото дело до денот на Апокалипсата. Затоа што Богочовекот Христос еднаш и засекогаш Самиот Себеси се жртвува за живот на светот, но остана преку Светиот Дух Господ во Црквата, која е Христос продолжен низ сите векови. Свештеник пред сѐ е Епископот. Ова е светотаинската и институционална димензија на свештенството. Согласно Преданието на Православната Црква, жената не учествува во оваа димензија од Светата Тајна Свештенство. Но оваа димензија нема да постои во Царството Небесно: нема потреба од Икона таму каде што е присутна Вистината.

„Свештеникот вистински ја возглавува Црквата, а не само по функција, само ако пред тоа благодатно ја собрал и се грижи за неа во своето срце. Само очистеното срце може да ги прими во себе сите, не исклучувајќи ги и непријателите. Само во него може да се соврши великата тајна на соборниот живот, на взаемното проникнување. Само во таквото срце може да потече молитвата за целиот свет, исполнета во она неизглаголливо: ‘Авва, Оче!’. Само на олтарот од отвореното срце умот може невидливо да свештенотвори за живот (спасение) на светот. Ова е аскетско-исихастичката и внатрешна димензија на Тајната на Свештенството. Без оваа димензија се губи персонално-сотириолошкиот  карактер на Свештенството како Света Тајна. Оваа димензија на свештенството никој не може да ѝ ја одземе на жената, ни во овој ни во идниот век. Таа е услов за влез во Вистината, во Царството Небесно, и е дар Божји за секој човек. Оваа аскетско-исихастичка или внатрешна димензија на Светата Тајна Свештенство, всушност вистинското покајание, е услов за постоење и на Светата Евхаристија и на светот. Според Преданието на Црквата, за постоењето на Евхаристијата, а со тоа и на светот, доволно е покајанието на тројца луѓе. Тоа можат да бидат и само три жени“.2

Значи, внатрешното свештенство е тоа кое има сила да привлече и кое останува вечно. Го нема ли тоа епископот, ништо нема. Го има ли тоа и најништожниот, сѐ има. Внатрешното или царско свештенство е силата која ги привлекува и луѓето и ангелите, и оние што прават добро и оние што прават зло; и никој не може да остане рамнодушен кон него: станавме призор на светот, на ангелите и на луѓето (1 Кор. 4, 9). Тоа е сила што привлекува без притоа да ја наруши нашата слобода. Нормално, лесно е да те привлече оној кој постојано те чува и заштитува во своето срце и во својот ум, оној кој содржината на твојот живот ја направил содржина на својот. И нормално е, да ги привлечеш, како противници, оние на кои твоето дело по Бог им пречи. Внатрешното свештенство е моќ, а не бесплоден морализам кој ама баш никого не го интересира.

Накратко кажано, пастирите или црковните лидери треба духовно да го раководат во процесот на очистување, просветлување и обожение народот Божји кој учествува во Светите Тајни на Црквата. Духовниот отец, или пастир, или лидер, треба најпрво своето срце да го очисти од гревовните страсти, да го добие дарот на умносрдечната молитва, односно дарот на внатрешното свештенство, и најмалку да достигне барем просветление на умот за да може оние следбеници што ќе ги привлече кон Богочовекот Христос и Неговата Црква да ги води по патот на очистување на срцето и просветлувањето на умот. Оние кај кои ќе успее верата да им ја претвори во опит и во знаење, никогаш повеќе нема да ги изгуби.

Еве како тоа го опишува еден од најголемите исихасти и духовни лидери на дваесеттиот век, светогорскиот Старец Јосиф Спилеот: „Бог [Самиот] го придвижува опитниот Старец и духовен раководител, кој е способен да ја спаси душата и кој поминал по истиот тој пат. Подобро кажано, Самиот Бог престојува во него, зборува низ него и ја прави средбата [со духовното чедо]. Кога ќе започнат да беседат, се случува враќање [пројавување] на Божјата благодат [во срцето на духовното чедо]. Отецот зборува, а неговите зборови проникнуваат во длабочината на срцето како молња. Душата е озарена од божествената светлина, а демоните бегаат далеку оттаму, зашто не се во состојба да стојат пред Старецот. Во тој момент, светиот Старец е целиот божествен оган, а неговите зборови се преисполнети со божествена просветленост. Неговите совети се суптилни, произлегуваат од големо познание, поимање и преисполнети се со созерцание, бидејќи Божјата благодат ги придружува. Штом ќе го допрат срцето, умот [на духовното чедо, ученикот] се придвижува кон вдахновеност и восхитеност, зашто се поучува во натприродното и во она што е неопходно за да се поднесе тешкото бреме на демонската злоба“.3

Срцето на вистинскиот духовен отец, односно лидер, е доволно очистено од страстите и затоа благодатно отворено, а неговиот ум со плач и со молитва пребива во така отвореното срце. Тоа е дело и подвиг во кој учествува целото човеково битие, и душа – со ум и разум и тело. Тука, во срцето како духовен центар на човекот, се случува тајната на преобразувањето. Благодатта на Светото Крштение што извира од очистеното срце ги преобразува и умот, и словото, и личноста на духовниот лидер. Неговиот ум станува просветлен, неговото слово со сила, а неговото присуство е сведоштво Христово, кое силно и нежно привлекува. Духовниот лидер, е човек чие присуство е со манифестација на моќ не кон луѓето, туку кон паднатите ангели. Тој го познава патот кон духовниот растеж и може по него да го води секој што сака духовно да расте. Словото на духовниот лидер допира до длабочината на срцето на духовниот следбеник и однатре го преобразува: му носи светлина на верата, му носи љубов и сила за подвигот, му влева надеж во духовната борба и живот. Духовно го раѓа и го гради, преку взаемниот личносен однос, новиот, во Христа, човек. Односот духовен лидер – духовен следбеник е Света Тајна на взаемно проникнување и растење во Христос.

Значи, ако не ги восогласиме состојбите – лични и црковни – со учењето на светите Отци, не можеме ни да очекуваме некакви подобри резултати во нашето пастирско, односно лидерско, работење. Наместо да бидат оска околу која луѓето и народите ќе се обединуваат, епископите на Православната Црква и понатаму првенствено ќе се занимаваат со славољубието (со борба за власт и човечка слава, со политика и со етнофилетизам или лажен патриотизам); наместо да бидат извор на утеха и на исцеление, презвитерите и понатаму првенствено ќе се занимаваат со среброљубието (со борба за пари и имот); а останатиот народ оставен на самиот себе и понатаму ќе се занимава, едните (номиналните христијани) со  задоволување на своите страсти, а другите (неправилно духовно раководените) со озборување, со лажење, со судење и со осудување – на првите, на вторите и меѓусебно...

Ваквата лоша духовна состојба е сведоштво дека локалните епископални Цркви ги водат епископи кои уште не се очистиле од своите страсти, и нивната внатрешна подложност на страстите, особено на страста на етнофилетизмот и на виското мислење за самите себеси, се рефлектира како внатрешна меѓуцрковна борба за власт и сила што разединува. Секако, не е препорачливо за нив и понатаму да го откриваат, а со тоа и да го потхрануваат наместо да го лечат, својот алармантент внатрешен конфликт и расцеп на личноста создавајќи и одржувајќи неединство или раздор помеѓу луѓето и помеѓу народите, како и помеѓу помесните Цркви.

Треба да го знаеме и ова: основниот проблем што се поставува пред духовните чеда, пред следбениците, во периодот на духовното будење и на очистување на срцето од страстите, не е во тоа дали духовниот отец или лидер некаде греши, туку е во тоа дали духовните чеда го слушаат, го следат и му веруваат нему, откако веќе го провериле и слободно го избрале за духовен лидер. Во тој случај нема опасност од погрешно водство затоа што, како што веќе рековме, односот духовен лидер – духовен следбеник е Света Тајна на взаемно проникнување и растење во Христос, а таквиот однос е под директен надзор и промисла Божја. Ако Преданието на духовниот живот во Православната Црква зависеше само од светоста на духовните лидери – Апокалипсата ќе беше историски мината. Ако духовниот лидер е свет, тоа е многу добро; но подвигот на следбеникот е секогаш личен.

Еве што велат опитните за односот духовен лидер – духовен следбеник: „Дури и ако заповедта на Старецот е погрешна, Бог поради послушанието ќе ја претвори во духовна полза. Ако некој е послушен, па дури и заповедта да е лоша, сè ќе излезе на добро само заради послушанието. Нема никакво значење кој е Старецот што ја издава заповедта. Каква полза имаше Јуда од тоа што Старец му беше Самиот Христос? Што му вредеше на Адам што беше во рајот и што на некој начин Старец му беше Самиот Бог? Ништо“ (Старец Јосиф Спилеот).4

„Сè зависи од нашиот однос со Бог. Ако имаме доверба во Неговата Промисла, ќе најдеме сила да го следиме словото на нашиот духовен отец. Логиката што му е својствена на секојдневниот живот и на нашите размислувања не се доволни. Наспроти тоа, она што ни се чини совршено во нашата логика, многупати не е ништо друго, туку отсјај на нашата огревовена волја, така што Бог нема да е со нас“.5

„Нема големо значење ако некое слово на духовниот отец е против нас или ако некој совет ни се чини неразумен според општата логика. Ако сме подготвени да го следиме словото, советите, ако имаме доверба во него, тогаш Бог ќе ги нареди работите така што крајот да биде позитивен. Тајната на послушанието е една од посериозните стварности на патот кон спасението!“. 6

Но, дури и да речеме со сигурност дека некои од лидерите на Црквата се виновни за бледото сведочење на Господ Христос или за соблазните среде народот, сепак не смееме и не е нормално, на пример, заради неспособноста на некое свештено лице ние да отпаднеме од Бог. Лидерите на црковната организација се менливи, но Црквата останува вечно место на спасението и вратите на адот нема да ја надвладеат. Кратковиди се самооправдувањата од типот: види го ова свештено лице што прави, а јас ќе одам во црква!? Ако мислиме дека што било друго освен самите нас е пречка во нашиот однос со Бог, тогаш ние го напуштаме личниот однос со Него и личниот пат до Него. Ако на тој начин размислуваме и постапуваме, ние не живееме како личности.

Лидерството во Православната Црква е во слава Божја, а не за своја слава и интерес. Тоа е антиномично лидерство – водиш, не со тоа што другите ти служат, туку со тоа што на другите им служиш, со пример. Тоа е лидерство на лично и моќно сведоштво на Христос, кое никого не остава рамнодушен. Тоа лидерство е кое не зависи само од лидерот туку и од неговите следбеници, од нивната посветеност; тоа има соборна, црковна димензија. Односот лидер – следбеник не е еднаш за секогаш воспоставен и непроменлив, идолопоклонички однос, тоа е однос кој треба да подигне нови лидери. Неговата цел е есхатолошка, Царството Божјо. Секое друго вистинско лидерство произлегува и се заснова на ова, односно на Христовото лидерство.

Значи, ни требаат Пастири кои ќе го возобноват православниот духовен живот и ќе го разгорат огнот на верата, кои во пракса и со личен пример ќе го актуелизираат Светото Предание, кои ќе се грижат за единството и првенството по чест меѓу Црквите, кои ќе го сочуваат достоинството (еклисијалната полнота) на локалната епископална Црква, како и пастирскиот авторитет и кредибилитет на Помесната Црква. Со еден збор, потребни ни се свети луѓе. Појавата на такви епископи-лидери сигурно ќе ги збогати комуникацијата и дијалогот на Црквата и  со другите Христијански цркви како и со монотеистичките религиозни заедници со цел да се воспостави колку што може повеќе Божјата порака за мир, толеранција и соживот меѓу луѓето, во светот кој постојано страда од разновидни конфликти.

Никој кој сè уште, заради решавање на своите внатрешни проблеми, е затворен во себе, не може да се отвори кон другиот и да му пружи рака на помош.

 

-----------------

1 Види, Митрополит Струмички Наум, „Соочување со апсурдот“, Велјуса. 2007, с. 23 25

2 Види, Митрополит Струмички Наум, „Слово од Водоча“, Водоча. 2002, с. 159 161

3 Јосиф Исихаста, Старац, „Изложење монашког опита“, Образ светачки, Београд. 2000,

  с. 295 – 296.

4 Јефрем Катунакијски, Старац, „Ученик Крста подвижник послушања“, Образ светачки,  

  Београд. 2002, с. 69.

5 Софрониј, Старец, „За духот и животот“, Слово од Водоча, Струмица. 1999, с. 65 – 66.

6 Исто, с. 64.