Поглед од заборавена гледна точка
 
 
 
 
 

Поглед од заборавена гледна точка (04.08.2018 14:50)

Ајде малку да се свртиме кон самите себе и ова евангелско четиво (види: Матеј 17, 14–23) да го погледнеме од еден друг аспект – личниот.

Кога дојдоа при народот, пристапи кон Него еден човек, кој падна на колена и рече: „Господи, смилувај се на мојот син, зашто при нов месец го фаќа бес и се мачи многу; често паѓа во оган и често – во вода; го одведов при Твоите ученици, но тие не можеа да го излекуваат“.

Неверојатно точен опис на црковната состојба денес, напишан пред речиси две илјади години. Малку верен – малку суеверен народ, подложен на демонско влијание, бара помош од свештенството, кое и самото нездраво – не може да му помогне.

Суеверие е и кога од страв или заради награда, како и поради верувања подметнати од демонот (при нов месец и слично), мислиш дека имаш некаков однос со Бог. Не, немаш.

„А Исус одговори и рече: ’О, роде неверен и развратен! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете Ми го тука!‘ И му нареди Исус на бесот и тој излезе од момчето; и тоа оздраве во тој час.“

Богочовекот Христос, на овој навидум груб начин им се обраќа на луѓето, и нив да ги освести во каква заблуда живеат, а истовремено да ги оправда пред нив Своите ученици; но сепак, Неговите зборови директно се насочени кон Неговите ученици (и кон денешното свештенство).

Неговите ученици, барем до толку свесни дека ним им се обраќа, пристапуваат кон Него, насамо, и го прашуваат „зошто“? Додуша, требаше прво „прости“ да речат, ама – ајде.

„Тогаш учениците пристапија кон Исус насамо и Му рекоа: ’Зошто не можевме ние да го истераме?‘ А Исус им рече: ’Поради вашето неверие: зашто, вистина, ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете на оваа планина: премести се одовде таму, и таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно‘.“

И, гледате колку погруб одговор добија. За колку поголема позиција Бог те спрема, толку повеќе страдаш пред тоа. Ако Бог допушти без страдање да дојдеш до висока позиција во Црквата Негова, ќе настрадаш потоа. Колку поголема позиција, толку повеќе страдање; или пред, или потоа.

А способноста за дела – произлезени од вера, и поголеми од примерот што Христос им го посочи – учениците ја добија откако на нив слезе Светиот Дух Господ.

Сепак, Господ им одговори на прашањето: „Овој, пак, род се истерува само со молитва и пост“. За поврзаноста на демоните со нашите страсти и како тие се бркаат, со пост и молитва, од нас, имам доста пишувано. Другпат, пак.

„А кога беа во Галилеја, Исус им рече: ’Синот Човечки ќе биде предаден во раце човечки, и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне‘.“

Им кажа, да ги предупреди, за кое Царство тие треба да се борат. Но, и до ден-денес повеќето од нив не го сфаќаат тоа и се борат за овоземното царство – како и сите незнабошци.

И, затоа: „тие многу се нажалија“. Добро, можеа и да се разгневат, како некои од денешниве.

Митрополит Струмички Наум