Научен собир посветен на Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици во Струмица
 
 
 
 
 

Научен собир посветен на Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици во Струмица (07.12.2018 21:22)

Денес, во хотелот „Сириус“, Струмица, започна тридневен научен собир, посветен на заштитниците на градот Струмица – Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици, во којшто ќе учествуваат триесеттина еминентни професори и научници од македонските универзитети и факултети, МАНУ, Институтот за национална историја, други институции и државни органи.

Научниот собир „Култот на Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици во средновековната и во поновата епоха – историја, култура и традиција“, се одржува во организација на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица и на Министерството за култура.

„Овој собир нуди и опфаќа интердисциплинарен период во истражувачката материја, поточно учествуваат истражувачи од повеќе научни дисциплини како што се историјата, теологијата, археологијата, историја на уметноста, книжевноста, народната традиција, музејската дејност, заштитата на културното наследство, историјата на јазикот, писменоста и др. Очекуваме научниот собир да прерасне во традиционален и интернационален, и да се одржува секоја година со различна тема на празникот на духовните патрони, заштитниците на градот Струмица“ – рече Васил Ѓоргиев, претседател на Организациониот одбор.

Епископот Полјански Јаков го поздрави овој собир и го пренесе благословот од Митрополитот струмички г. Наум, истакнувајќи дека Македонската Православна црква – Охридска Архиепископија го поздравува секој стремеж за научна афирмација на културното, духовното, односно црковното наследство.

 

                

Извор: Струмицанет